Истражните органи ја шират предистрагата за големата несреќа што се случи во „дискотеката на смртт“ во Кочани, уапсени се седуммина полицајци, меѓу нив началници и инспектори од СВР Штип кои и дале „амин“ на фирмата да добие лиценца за работа. Иако не ги исполнува условите, односно нема паркинг и пристап за итни случаи, инспектори за сообраќај од штипската полиција дале позитвино мислење, а началници го потпишале документи. Други пак полицајци во службената телеграма не навеле дека од работењето на дискотеката имало нарушување на јавниот реди мир. –Нивното непостапување или одобрување дирекно довело до катастрофалната несреќа, изјави на прес конференција министерот за внатрешни Панче Тошковски.
Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција побара од судот во Скопје да определи мерка притвор за седуммината полицајци, против кои е поднесена кривична пријава за „Тешки дела против општата сигурност“, откако Обвинителството утврдило дека со нивните постапки овозможиле работа на кабаре во Кочани кое не ги исполнувало законските услови, што довело до трагичниот пожар во кој загинаа 59 лица, а 196 беа повредени.
„Со овие дејствија осомничените овозможиле работа на локал кој претставувал сериозна опасност за граѓаните. Трагичниот настан кој се случи на 16 март 2025 година е директна последица на нивната незаконска постапка“, изјавија од Основното јавно обвинителство.
Министерот Тошковски во вторникот донесе одлука да ги смени началникот на Секторот за внатрешни работи Штип, помошник началникот на СВР Штип, началникот на Одделението за полиција Штип, началникот на Одделението за криминалистичка полиција Штип, началникот на Одделението за внатрешни работи Кочани, командирот на Полициската станица од општа надлежност Кочани и началникот на Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани. Денеска рече дека разрешените не се дел од последно осомничените полицајци.
Во меѓувреме, за вкупно 18 лица е определен краткотраен притвор од 48 часа во врска со пожарот во дискотеката во Кочани каде загинаа 59 лица, а над 150 се повредени. Меѓу приведените се и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши и поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски.
-Мерката краткотраен притвор се предлага во особено сложени предмети, кога е потребно да се прибере поголем обем на докази за проверка на сите околности и евентуално формално поведување истрага. Оваа мерка, предвидена согласно член 170 од Законот за кривичната постапка, може да се определи најмногу два пати по 48 часа без да биде донесена формална наредба за спроведување истражна постапка, објаснуваат од ОЈО без да откријат од каде се прибираат новите докази и дали е целосно завршен увидот во опожарениот објект. (П.А.)