Турските власти наредија притворање на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу и на околу стотина други лица, меѓу кои и новинари и бизнисмени, како дел од истрагата за корупција, објави порталот Сабах.
Советникот за медиуми на градоначалникот Мурат Онгун во раните утрински часови денеска на социјалната платформа Х напиша дека Имамоглу е приведен.
Имамоглу на Х напиша дека стотици полицајци се пред неговата куќа, додавајќи дека тој нема да се откаже, туку ќе се исправи пред притисокот. Според снимките во живо од Си-Ен-Ен Турк, десетици припадници на интервентната полиција биле пред куќата на Имамоглу. Полицијата го претресува неговиот дом како дел од истрагата, објави телевизијата.
Истанбулскиот универзитет вчера објави дека поради нерегуларности му ја поништил дипломата на Имамоглу, главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, нанесувајќи и удар на опозицијата, која во наредните денови требаше да го избере за претседателски кандидат.