Ејуп Рустеми, поранешен директор на Јавното претпријатие „Државни патишта“, и уште четири други лица се приведени вчера по основаните сомневања за злоупотреба на јавната набавка вредна 760.000 евра. Основното јавно обвинителство Скопје вчера соопшти дека се работи за тендерот за избор на фирма за физичко обезбедување на 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта.
-Против тогашниот управител на фирмата од Кичево и правното лице е поведена истрага за кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од член 275-в од Кривичниот законик, додека за останатите четворица – тогашен директор на претпријатието, еден од потписниците на договорот и двајца надлежни за контрола на реализацијата, се води постапка за кривични дела кои опфаќаат злоупотреба на службена положба и овластување и фалсификување службени исправи – соопшти ОЈО.
Станува збор за договор за јавна набавка склучен на 08.08.2022 година со кој осомничениот управител на агенцијата за обезбедување се обврзал две години да врши континуирано физичко обезбедување 24/7 на сите 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта. Иако согласно потпишаниот договорот бил должен, не се придржувал кон обврската и за целиот период од договорот вршел само делумно физичко обезбедување, најчесто само во прва смена, а на договорниот орган фактурирал услуги како да било вршено 24/7 физичко обезбедување за целиот период на договорот се до неговото раскинување.
-Тогашниот директор на јавното претпријатие бил должен да се грижи за законитоста во работата но не ја извршил таа должност иако знаел дека физичкото обезбедување се врши само делумно. Двајца осомничени раководители на одделение за наплата на патарини и контрола контролите не ги вршеле во целост и иако знаеле дека обезбедувањето се извршува само делумно најчесто во прва смена, ги потпишувале барањата за одобрение за плаќање. Вториот потписник на договорот ги одобрувал барањата и одобренијата за плаќање, по што ги одобрувал и доспеаните фактури кои потоа биле реализирани во корист на Агенцијата за обезбедување. На овој начин другите осомничени на осомничениот носител на набавката му овозможиле да прибави противправна имотна корист во износ од 46.918.079 денари и со тоа нанеле штета од големи размери на Јавното претпријатие за државни патишта – соопшти ОЈО.
Доставен е предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост.