– Монографското издание „Едиција/ 55 години креативност (17 тома)“ не е само збирка на неговите дела туку и патување низ неговата креативна визија и доказ за неговото владеење со формата, бојата и со емоциите. Моето чувство за творештвото на Таки Павловски е дека ги надминува границите на уметноста како вредност и богатство на човековото постоење, пребивајќи ја традицијата со модерноста и личното со универзалното. Неговите дела во која било форма ја доловуваат суштината на човековото искуство со длабочина и чувствителност – кажа Корнелија Конеска, извршен директор на „Остен“, на вчерашното отворање на изложбата и промоција на монографијата
„Уметниците имаат само ден на раѓање, бидејќи тие продолжуваат да живеат преку своите дела во најразлични форми“. Токму со делата на реномираниот македонски уметник Таки М. Павловски (1939 – 2023) јавноста има можност да се запознае преку изложбата „Објекти – градби 1970-1980“, која од денес е отворена во Музејот на Град Скопје. Пред присутните беа претставени селектирани дела, дел никогаш неизложени, а се одржа и промоција на неговата монографија на уметничкото и ликовното творештво „Едиција/ 55 години креативност (17 тома)“.
– Таки Павловски има исклучителен придонес во областа во тогаш југословенската, македонската, па и надвор од границите на нашата држава, европската и светска уметност, во духот на своето дејствување во различни области на уметноста и културата во текот на 55 години. Особено ми е драго што делото на овој Македонец сосема заслужено е претставено во една исклучителна едиција од 17 тома, кои ја презентираат исцрпно неговата дејност и опус во уметноста и во културата воопшто. Благодарение на Министерството за култура и туризам, оваа едиција е реализирана – посочи на отворањето на изложбата проф. д-р Панче Велков, директор на Музејот на Град Скопје.
Тој додаде дека монографиите како оваа за Таки М. Павловски се реткост не само во Македонија туку и пошироко.
– Овој подвиг е без преседан во историјата на Македонија. Благодарение на залагањата на ќерката на Таки Павловски која исто така е уметник, Марија Павловска, и на целата екипа на Музејот на Град Скопје, е реализиран и настанот што, покрај промоцијата на монографијата, е придружен и со изложба од богатиот опус на Павловски – додаде Велков.
Корнелика Конеска, извршен директор на галеријата „Остен“, посочи дека Таки Павловски е еден од најистакнатите уметници во современа Македонија, во поранешна Југославија и пошироко.
– Таки Павловски беше добитник на посебно гран-при на биеналето на „Остен“ во 2020 година, гран-при на биеналето на „Остен“ на наградени автори во 2021 година. Имав задоволство лично да го познавам и да го посетам неговото студио, со цел заедно да разговараме и да направиме селекција на негови цртежи, никогаш претходно прикажани, за да направиме две графички мапи за библиотеката на графички мапи на светското културно наследство, каде што „Остен“ веќе има над 30 значајни меѓународни уметници. За жал, не успеавме да го направиме во текот на неговиот живот, но ќе го направиме во следниот период, заедно со неговото семејство. Ова монографско издание не е само збирка на неговите дела туку и патување низ неговата креативна визија и доказ за неговото владеење со формата, бојата и со емоциите. Моето чувство за творештвото на Таки Павловски е дека ги надминува границите на уметноста како вредност и богатство на човековото постоење, пребивајќи ја традицијата со модерноста и личното со универзалното. Неговите дела во која било форма ја доловуваат суштината на човековото искуство со длабочина и со чувствителност. Во оваа едиција може да се истражи неговата еволуција како уметник, неговите инспирации и влијанието на неговото творештво во македонската и во меѓународната јавност – кажа Конеска меѓу другото.
Историчарот на уметноста и ликовен критичар Емил Алексиев, пак, во воведот на монографијата за творештвото на Павловски ќе напише: „Академскиот сликар, според своите творечки дострели, им припаѓа на најзначајните ликовни творци. Според своите творечки преокупации, ликовната синтакса што ја користи и според естетската позиција што ја брани, ѝ припаѓа на генерацијата уметници на македонскиот ликовен простор, но и пошироко, што влегоа во судир со проблемите на своето време, но и во судир со стварноста што ги опкружува. Неговиот вкупен творечки опус е одговор на визуелната агресија на опкружувањето, трансмутирана во ликовната лабораторија на уметникот во длабоко, полно со чувство, дело. Огромен е неговиот придонес во подигањето на рамништето на визуелната култура во Македонија“.
На ликот и делото на Павловски се осврнаа и Стевче Јакимовски, градоначалник на Општина Карпош, и Ставре Џиков –публицист. Пред присутните беше прикажан и документарен филм на Таки Павловски, во продукција на МРТВ.
Академскиот сликар Таки Павловски почина на 17 мај 2023 година, на 84-годишна возраст. Роден е 1939 година, во костурското село Желин.
Изложбата ќе биде отворена до 27 април. (Д. Т.)
Фото: П. Стојаноски