
Полскиот премиер Доналд Туск го нарече самитот во Лондон историски, истакнувајќи дека тој се одржа во време на голем предизвик за цела Европа, не само за ЕУ и Украина, пренесе Индекс.хр.
Туск рече дека нема сомнеж кој е агресорот, а кој жртва и дека Европа јасно ја зазеде вистинската страна, но потврди дека имало дискусии за потребата европските земји да преземат поголема одговорност за воено финансирање и одбрана.
Тој потсети дека Полска дава најголем финансиски придонес во НАТО со учество од 4,7 отсто од БДП, изразувајќи задоволство што се повеќе земји од зборови преминуваат на конкретни инвестиции.
Тој ги отфрли шпекулациите за постојан јаз меѓу Европа и САД.
„Не смееме да дозволиме тоа да се случи. Сите, без исклучок, сакаат трансатлантските односи да бидат што посилни“, рече Туск.
Зборувајќи за претстојниот самит на Европскиот совет, Туск изрази внимателен оптимизам, надевајќи се на јасна порака до Владимир Путин дека Западот нема да се подложи на уцени и агресија.
Тој, исто така, ја нагласи потребата да се создаде конкретен преговарачки план кој ќе ги вклучи Европа, Турција и Канада, предупредувајќи дека во моментов „нема план“, што создава чувство на хаос и води до сцени како што видовме во Вашингтон.
„Мораме мирно да предложиме систематски, заеднички став кој ќе ги обликува идните преговори во име на сојузниците“, рече Туск.
Тој додаде дека се надева дека демонстрацијата на европското единство ќе влијае на Трамп и ќе го охрабри да биде поотворен кон барањата на Украина.
Тој, исто така, откри дека многу лидери ги споделиле своите размислувања за средбата Зеленски-Трамп за време на самитот, при што некои биле „мрачни“, но сите ја нагласуваат важноста од зачувување на единството.
Туск потврди дека на самитот немало дискусија за безбедносни гаранции за Украина, предупредувајќи дека таквите декларации ќе мора да бидат цврсти и обврзувачки за да не се создаде „лажна илузија за безбедност“.
Тој исто така нагласи дека Полска нема намера да испраќа војници во Украина.
Во однос на запленувањето на руските средства, Туск призна дека нема единство, иако сите лидери во принцип се за идејата. Сепак, некои земји стравуваат од можни последици за еврото и банкарскиот систем.
„Полска е силен застапник за ова прашање, но да бидеме реални – како земја надвор од еврозоната, нашиот глас нема да биде одлучувачки“, рече Туск.
И покрај се, тој ја истакна важноста од продолжување на санкциите на ЕУ против Русија, и покрај заканата со вето од Унгарија.