Судот во Турција му одреди притвор на уапсениот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, под обвинение за корупција, пренесе Бета.
Апсењето на Имамоглу предизвика големи демонстрации низ Турција бидејќи неговото притворање се сметаше за политичко задушување на неистомислениците.
Имамоглу е најсериозниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и е главен опозициски кандидат на претседателските избори закажани за 2028 година.
Имамоглу (54), кој според некои анкети води во претседателската трка, за неколку дена требаше да биде именуван за официјален претседателски кандидат на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП).
Вчера Ердоган, кој ја водеше земјата повеќе од 22 години, ја обвини ЦХП дека се обидува да ја „провоцира нашата нација“, додавајќи дека нема да толерира вандализам.