Германскиот туроператор „Ер-ес-де“ од февруари 2025 година ќе донесе 35.000 туристи во Македонија, најави сопственикот на компанијата, Кристијан Франк ,на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, во Владата.

Тој истакна дека овие туристи ќе доаѓаат надвор од сезона и тие, како компанија, главно работат на културолошки патувања.

– Главно работиме културолошки патувања и планираме да донесеме 35.000 гости следната година, почнувајќи од февруари и благодарен сум што може да бидеме тука и да покажеме што планираме да правиме. Би сакал да му се заблагодарам на премиерот за поддршката и за можноста да дојдеме тука, во вашата прекрасна земја и мислам дека во иднина нè очекува многу голема работа – рече Франк.

Премиерот Мицкоски истакна дека очекува дополнителни 30 милиони евра директно трошење на овие гости кај нас, со што, заедно со сместувањето, транспортот и со другите трошоци, би можело да се дојде и до 50 милиони евра. Тој истакна дека Владата има стратешка цел да го поддржува туризмот и тоа, како што рече, била една од причините да го поврзат туризмот со Министерството за култура.

– Од февруари идната година, околу 35.000 туристи, надвор од сезоната, ќе ја посетат Македонија, во организација на оваа туристичка агенција. Имаме намера да развиваме културен туризам, а ние треба да ги покажеме нашите културни капацитети, како што се градот Охрид, Скопје како главен град, Меморијалниот центар „Мајка Тереза“ и другите културни знаменитости, кои претставуваат наша карактерна особина како држава, бидејќи Македонија има многу такви места со кои може да се гордее – рече Мицкоски.

Тој нагласи дека самата агенција „Ер-ес-де“ има повеќе од една милијарда евра годишен обрт и дека, покрај со туризам, се занимава и со други области како маркетинг, телекомуникации, енергетика, хотелиерство.

– Од февруари идната година, секој ден, по еден авион ќе носи туристи од Германија, Франција и од Велика Британија. Овие 35.000 гости ќе бидат на балканска тура – ќе се почне со едно ноќевање во Скопје, потоа продолжуваат во Црна Гора, Албанија, потоа во Охрид, каде што ќе има ноќевање и завршува со две дополнителни ноќевања во Скопје. Бројот на ноќевања што ќе ги имаат претставува од 10 до 15 отсто од вкупниот број ноќевања што ги остваруваат странските гости во овој момент кај нас – истакна Мицкоски.

Планот е, додаде, да ги дуплираме овие чартер-летови, но тоа ќе зависи од нас, бидејќи гостите имаат и свои побарувања во делот на сместувачките капацитети.

– Ние, како држава, треба да изградиме таков тип сместувачки капацитети што ќе бидат атрактивни за овој тип гости. Да имате околу 30 милиони евра кеш ликвидност или вкупно со сместувачките капацитети, со транспортот, од 50 милиони евра годишно, и да имате околу 140.000 нови ноќевања, тоа претставува значителен успех и како држава, преку програмите што веќе ги имаме поставено, планираме сериозно да го поддржиме ова и во периодот што следува – да го зголемиме – рече Мицкоски.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристи во јули 2024 година изнесувал 204.336, од кои 41,8 % биле домашни, а 58,2 % странски туристи.

Бројот на ноќевања во јули 2024 година изнесувал 756.831, од кои 70,6 % биле од домашните, а 29,4 % од странските туристи.

Во периодот јануари – јули 2024 година, во однос на тој период од претходната година, бројот на туристи е зголемен за 8,7 % вкупно, при што има намалување за 0,5 % кај домашните туристи, а кај странските има зголемување за 13,7 %.

Во периодот јануари – јули 2024 година, во однос на тој период од претходната година, бројот на ноќевања е зголемен за 6,1 %, и тоа има зголемување за 2,7 % кај домашните туристи и за 9,7 % кај странските.

(С.Бл.)