Во светот постои голема неизвесност по инагурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Освен со повисоки тарифи, американскиот претседател се закани и со заострување на имиграционата политика и депортации на мигранти без дозвола за престој. Се поставува прашањето како сето ова ќе влијае на имиграциона политика и на процесот на издавање на визи? Од македонските агенции за посредување при вработување во странство, за весникот ВЕЧЕР, велат дека засега не е загрозен процесот на издавање на туристички визи и визи за студенти кои одат на работа во САД преку програма „Work & Travel„, но ќе има промена во работните визи.
-Генерално се уште нема некои драстични промени во процесот за издавање визи за туристи и за студенти кои одат на привремена работа преку студентските програми како што е „Work & Travel“. Но, очигледно дека ќе има промени во имиграционата политика и издавање на работни визи, односно визи за други форми на работни дозволи за Америка. Информациите кои ние ги добиваме од нашите партнери од САД говорат дека постои нестабилност во секторите кои сезонски вработуваат работна сила. Но, охрабрувачки е фактот што сите промени се однесуваа за наредната година. Тоа значи дека од наредната година потешко ќе се добива виза за работа во Америка, изјави за весникот ВЕЧЕР, Зоран Кочоски, генерален менаџер и сопственик на „Коузон“.
Тој додава дека несигурноста во американската економија ќе се одрази во ограничување на правото на добивање на сезонски визи за привремена работа во САД.
-Администрацијата на Трамп ќе постави нови регулативи во секторот странска работна сила преку намалување на квотите. Тоа значи дека и нашите сезонски работници потешко ќе доаќаат до виза за работа во Америка. Целта на оваа политика на Трамп е добар дел од американското население да најде работа или да работи по две работи за да може да ги покрива животните трошоци и да плаќа даноци, објаснува Кочоски.
За да ги зголеми приходите на државата Трамп воведе „златна картичка“ со која на богатите имигранти им овозможува да останат во САД на неодредено време, но за тоа треба да платат 5 милиони долари.
Програмата може да биде наменета да ја замени претходната инвеститорска виза EB5 и исто така отвора пат до државјанство. Картичката е наменета за богати луѓе и за оние со посебни вештини чии добродетели – било да се компании или поединци – се подготвени да платат за нивната виза.
Основата за овие промени и во тарифите и во имиграционата политика, како што појаснуваат експертите е што Трамп смета дека Америка увезува премногу производи и работна сила. Тој смета дека производството во САД е во опаѓање бидејќи Америка се однесува премногу примерно, нејзините работници и средната класа страдаат за да може остатокот од светот да се развива на сметка на Америка.
(А.С.)