Општините Подградец, Охрид и Струга ќе соработуваат и во текот на оваа туристичка сезона, Телевизијата Ора њуз, во прилогот под наслов „Едно езеро, две држави, три општини, Охридско Езеро, туризмот се развива во Подградец, Струга, Охрид”, објави дека соработката се чини ќе биде поголема годинава и поради договорот на туристичките оператори за продолжување на деновите на престој во овој прекуграничен регион.

Илир Џаколи, градоначалник на Поградец, вели дека соработка меѓу општините е неопходна. Според него, Подградец се обидува туризмот да го развива не само во рамки на округот, туку и во регионални размери, вклучувајќи ги Струга и Охрид.

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, е со став дека општината има должност да ги заврши проектите кои се во служба на туризмот, а потоа туристичките оператори се тие кои го развиваат туризмот во оваа област.

– Во однос на сместувањето, создадена е потребната инфраструктура. Ние не можеме да ги упатуваме луѓето да ги посетат градовите – изјавил Мерко.

Мерко, заедно со делегација на општинската администрација, учествуваше во одбележувањето на Денот на Езерото – 21 jуни во Поградец, каде што со домаќинот, градоначалникот Илир Џаколи имаа конструктивни дискусии, особено во сферата на заштитата на Охридското Езеро, како природно богатство од светска вредност, но и во сферата на туризмот, превозот, културните манифестации и прекуграничните проекти.

Телевизијата наведува дека годинава, за разлика од претходните, туристичките агенции од Охрид и Струга склучиле договори со повеќе туристички оператори од албанска страна, кои работат главно во Тушемиште.