Македонската туристичка понуда и оваа година има свое место на 46. Меѓународен саем за туризам што се одржува во Белград. Како што соопштуваат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, македонските туристички потенцијали се промовираат на репрезентативен штанд, на кој учествуваат општините Гевгелија, Дојран, Охрид и Струга.

– Во однос на транзитниот туризам, со оглед на фактот што патуваат Србите и во соседна Грција, македонскиот туристички сектор ја збогатува понудата за да останат ден повеќе во Македонија. Забележана е зголемена посета на винарниците во винскиот регион, Дојран, Гевгелија и на културните знаменитости по Е75 – посочуваат од Агенцијата.

Саемот за туризам во Белград годишно собира повеќе од 400 изложувачи од триесетина држави, како и над осум илјади професионалци ангажирани во туристичката индустрија, а го ја посетуваат над 50 илјади гости.

Организаторот на манифестацијата посочува дека годинава саемската публика ќе има можност на едно место да види сè што нуди туристичкиот сектор, да најде идеални аранжмани и да ги искористи посебните саемски попусти.

Посетителите ќе може да изберат патувања што одговараат на нивните интереси – без разлика дали е тоа семеен одмор, далечни и егзотични дестинации, авантура и екотуризам, патувања во градови, велнес и спа-викенди на планина, спа-одмори, конгресни настани или специјални понуди за младите патници.

 

ИЗДВОЕНИ