Туристички брод со 45 патници потона во Египет, 28 лица се спасени, се трага по исчезнатите

50
Фото: Red Sea Governorate

Потона туристичкиот брод „Си стори“ со 45 патници во близина на брегот на египетското одморалиште на Црвеното Море. „Сан“ пишува дека на бродот имало 31 турист од различни националности и 14 членови на екипажот. Египетските власти соопштија дека 28 лица се спасени, а 17 се водат како исчезнати.

Генерал-мајор Амр Ханафи рече дека преживеаните се пронајдени во областа Вади ел-Гемал, која се наоѓа јужно од Марса Алам, и дека ја добиваат потребната медицинска нега.

Тој додаде дека воениот брод на египетската морнарица „Ел Фатех“ и воените авиони ги интензивираат напорите за лоцирање на исчезнатите. Инцидентот се случил околу 5 часот и 30 минути кога туристите тргнале на нуркање и бродот испратил сигнал пред да се изгуби секаков контакт со него.

Египетската морнарица мобилизираше хеликоптери и поморска единица во потрага по исчезнатите туристи. Спасувачките операции се во тек, а властите се обидуваат да најдат преживеани во водите на Црвеното Море.

Контролниот центар ги алармирал различните власти, вклучително и Центарот за поморско спасување, а тимовите за пребарување и спасување започнале големи спасувачки операции.