Турција ја разгледува безбедноста на комуникациските уреди по експлозиите во Либан

30
EPA-EFE/ERDEM SAHIN

Турција ги преиспитува своите мерки за обезбедување на комуникациските уреди што ги користат нејзините вооружени сили по смртоносните експлозии во Либан, изјави денеска претставник на турското Министерство за одбрана.

Рачни радио апарати користени од вооружената група Хезболах вчера беа детонирани низ јужен Либан, во најсмртоносниот ден во земјата откако избувнаа прекугранични борби меѓу групата и Израел пред речиси една година, што ги подгреа тензиите по слични експлозии на пејџери од страна на милитантите еден ден претходно, пренесе Ројтерс.

Анонимен турски функционер, рече дека турската војска користи само домашна опрема и дека Анкара има дополнителни контролни механизми доколку трета страна е вклучена во набавката или производството на опремата.

„Без разлика дали се работи за операциите што ги спроведуваме, тековната војна во Украина, како и примерот на Либан, мерките се разгледуваат и се развиваат нови мерки како дел од научените лекции по секој развој на настаните“, рече функционерот.

Тој додаде дека во контекст на неодамнешниот инцидент, турското Министерство за одбрана ги спроведува потребните истраги, без да прецизира други детали. За време на детонацијата на пејџерите и други електронски уреди во Либан, најмалку 20 лица загинаа, а речиси три илјади беа повредени. Хезболах го обвини Израел за инцидентите и вети одмазда.