Тура во околината на Љубанци – идеална за сите рекреативци

210

Својот трет роденден Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ ќе го одбележи со тура по дел од манастирската патека 3, во околината на селото Љубанци. Претседателот на Здружението, Дејан Вељанов, вели дека ќе се реализира турата на втори февруари, а планирано е да се посетат повеќето цркви во Љубанци и во Љуботен, кои се вкупно шест.

– Стартот на турата ќе биде во 9:45 часот, на плоштадот во селото Љубанци. Делот од патеката по која ќе се спроведе турата е долг 15 километри, со висинска разлика од 300 метри. Почнува во Љубанци, се оди до Бродец и завршува во Побожје. Идеална е за сите рекреативци, особено за планинарите почетници – истакна Вељанов.

Инаку, манастирската патека 3 е долга вкупно 25 километри.

Вељанов информираше дека и оваа година на 30 март ќе се реализира традиционалната „Сремушијада“, кога ќе се собира свеж мечкин лук сремуш. Се планира дотогаш да се пробие нова, пократка патека за планинарите почетници.

Дивиот лук расте на почетокот од пролетта. Оваа самоникната шумска билка Allium ursinum се нарекува и мечкин лук, затоа што им е вистински пролетен деликатес не само на луѓето туку и на мечките. Се препознава по интензивниот мирис како на лук и е силен природен антибиотик, кој изобилува со витамин Ц, сулфурни соединенија и со бројни други лековити состојки. Според народната медицина, тој е полековит од лукот.

Дивиот лук содржи алицин, етерични масла, алисулфиди и полисахариди, а вкусните млади изданоци, од кои може да се направат салати, крем-супи, песто, ароматично масло, тинктури и слично, содржат од 20 до 50 милиграми витамин Ц и каротин. Содржат и вредни минерални соли.

Младите листови од оваа билка се берат напролет, а може да се консумираат и свежи. Тие се одличен природен лек, кој го подобрува помнењето, помага при респираторните тегоби, ги спречува болестите на срцето и на крвните садови. Помага и при несоница, вртоглавица, остеопороза и артритис. Штити и од инфаркт и го јакне срцето.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ