Тунелот Деве Баир – Ѓуешево на железничкиот Коридор 8 ќе стане стратешка врска и затоа Бугарија е подготвена веднаш да почне да ја доградува пругата до границата со Македонија, во должина од 2,4 километри, но вистинскиот почеток зависи од датумот кога ќе почне изградбата на тунелот. Ова го изјавил вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Бугарија, Гроздан Караџов, на работниот појадок во Софија, со амбасадорите на земјите од ЕУ и од НАТО, посветен на напредокот на железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија.
– Очекуваме одговор и коментари од Скопје за предложениот договор. Доколку нема забелешки, подготвени сме веднаш да го потпишеме и да почнеме со работа – рекол Караџов.
Македонија формираше работна група што работи на забрзување на реализацијата. Премиерот Христијан Мицкоски во февруари најави дека Владата усвоила договор во кој треба јасно да се прецизира обврската на страните во случајот. А тоа е дека македонската страна презема обврска да го изгради делот од Крива Паланка до влезот во тунелот
Тунелот Деве Баир – Ѓуешево на железничкиот Коридор 8 ќе стане стратешка врска што ќе овозможи слободно движење на луѓе и на стоки меѓу Црното и Јадранското Море. Затоа Бугарија е подготвена веднаш да почне да ја доградува пругата до границата со Македонија, во должина од 2,4 километри, но вистинскиот почеток зависи од датумот кога ќе почне изградбата на тунелот. Ова го изјавил вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Бугарија, Гроздан Караџов, на работниот појадок во Софија, со амбасадорите на земјите од ЕУ и од НАТО, посветен на напредокот на железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија.
– Очекуваме одговор и коментари од Скопје за предложениот договор. Доколку нема забелешки, подготвени сме веднаш да го потпишеме и да почнеме со работа – рекол Караџов, пренесе БТА.
Македонија формираше работна група составена од министерот за транспорт, министерот за надворешни работи, министерката за финансии и директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“ да работи на забрзување на реализацијата. Премиерот Христијан Мицкоски во февруари најави дека Владата усвоила договор во кој треба јасно да се прецизира обврската на страните во случајот. А тоа е дека македонската страна презема обврска да го изгради делот од Крива Паланка до влезот во тунелот.
– Тунелот да има влез и излез, а не влез и до половина да застане, што ќе биде заеднички проект. Потоа од бугарска страна да се изгради делницата од Ѓуешево до приклучокот со националната железница на соседна Бугарија, тоа се два-три километри, а потоа Бугарија да побара средства од ЕУ со што ќе ја модернизира делницата од таа точка до Софија за да можеме да имаме функционална целина – истакна тогаш Мицкоски.
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, посочи дека се водат интензивни разговори и, како што потенцираше, „прашање на време е кога ќе се излезе со позитивни вести ако постои добра волја од Бугарија“.
– Идејата е да постигнеме договор со кој Скопје и Софија ќе се поврзат. Договорот треба да содржи три сегменти. Првиот е изградба на заеднички тунел што треба да ги поврзува двете држави. За жал, во претходниот проект, тунелот завршуваше буквално на половина, во слепа улица или слепа пруга. Вториот дел е Софија да преземе јасна обврска да го изгради делот од границата со Македонија до Ѓуешево, како и да го реконструира делот од Ѓуешево до Софија за да има модерна пруга и од нивна страна. Третата обврска е наша, да направиме ревизија на проектот, што веќе и го правиме, зашто е невозможно толку скапо да чини тој проект, за толку малку километри да се потрошат толку многу пари – истакна Николоски.
И бугарскиот министер за одбрана, Атанас Запријанов, смета дека железничкото поврзување со Македонија има особено значење за Бугарија. Тој смета дека мора да се направи сè што е можно за да се постигне опиплив напредок во краток временски период.
– Бугарија го смета железничкото поврзување со Македонија како клучен елемент на проектот „Воена мобилност“, кој е приоритет за соработка меѓу НАТО и ЕУ. Подоброто поврзување ги зголемува не само одбранбените способности туку и улогата на регионот во безбедносниот систем на Европа – нагласил Запријанов.
Сепак, за железничкото поврзување на земјите од Коридорот 8 да стане реалност, ќе треба да се разговара и со Албанија и да се види како размислуваат властите таму за изградбата на делницата од Драч до границата со Македонија.
(С. Бл.)