Додека семејствата на настраданите во пожарот во Кочани бараа одговорност и оставки на протест пред Собранието, внатре пратениците расправаа за интерпелацијата за министерот за полиција, Панче Тошковски. Опозицијата ја обвинуваше власта за селективното постапување во случајот со дискотеката „Пулс“, а власта смета дека Тошковски е решителен да им застане на криминалците на патот и дека нема да го прикрие криминалот направен од минатата власт. Интерпелацијата за Тошковски ја поднесе пратеничката група на Левица. Пратеникот Сашко Јанчев кажа од говорницата дека има десет основи по кои тој треба да ја напушти министерската функција, пет од нив се однесуваат на несреќата во Кочани.
– Во текот на своето министерување, Тошковски грубо ја занемари функцијата, постапувајќи нестручно и непрофесионално. Тој досега не ни помисли да поднесе оставка од морални причини. Прво, немало никаква контрола врз дискотеката, што е изречно законска обврска на МВР. Потоа, пиротехниката нелегално се употребувала во дискотеката и претходно полицијата дала согласност за објектот, иако знаела дека не ги исполнува условите за безбедност и сообраќај. МВР имало дополнителни обврска, а тоа е да ги контролира јавниот ред и мир, пуштањето малолетници во дискотеката, консумирањето алкохол и дрога. Да беше ова контролирано, диското немаше да постои – кажа во своето образложение за интерпелацијата пратеникот Јанчев и нагласи дека лиценцата за работа на кабарето била издадена во негово време, мислејќи на Тошковски.
Пратеникот на Левица со име и со презиме ги редеше сите началници и инспектори во Кочани поставени со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, а кои не биле опфатени со истрагата.
– Рација правеле вечерта пред пожарот, без вработени во УЈП, Трудовата и Пазарната инспекција. Зошто не се вклучени и актуелните функционери во истрагата? Сето ова ужасно мириса на владино штитење на партиските полтрони. Бараме командна одговорност. Преживеаните јавно зборуваа дека полицајци одбивале да им помогнат и ги оставиле сами да се снаоѓаат – кажа Јанчев.
Министерот Панче Тошковски, во својата одбрана, рече дека не се плаши од одговорност и оти останува на функцијата за да се соочи со вистината и за да ги разјасни сите дилеми. Ги отфрли обвинувањата и рече дека наспроти случаите со модуларната болница, Ласкарци и „Беса транс“, тука се спроведува доследна истрага, има осомничени лица, меѓу кои и актуелни функционери. За употребата на пиротехника во дискотеката, не е добиена дозвола, рече Тошковски.
– Од самиот почеток, Министерството за внатрешни работи постапуваше по насока и во координација со Јавното обвинителство, односно полицијата ниту селектираше, ниту одредуваше кој ќе биде опфатен, ниту водеше истрага по сопствена волја – рече министерот.
Критики на адреса на министерот за внатрешни упатија и пратениците од ДУИ и од СДСМ. Пратеникот од СДСМ, Миле Талевски, рече дека гласањето за интерпелацијата за министерот за внатрешни работи е прашање на државна одговорност, а не партиска определба.
– Гласот „за“ интерпелација на министерот Панче Тошковски не е прашање на политика туку прашање дали ќе опстои државата, дали ќе има правда, безбедност и сигурност – рече Талевски.
Арбана Пашоли од ДУИ ја истакна потребата од морална и институционална одговорност по трагичниот настан во Кочани.
– Ако сте свесни за тежината на вашата одговорност, дадете пример, кој оваа држава треба да го види – поднесете оставка – го повика Пашоли.
Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, опозицијата ја користи интерпелацијата како средство за одбрана на криминалците, а, според Александар Велјановски, интерпелацијата е затоа што следуваат истраги и за трагедиите со „Беса транс“ и со модуларната болница во Тетово.
– Интерпелација на Панче во овие моменти е ништо повеќе од заштита на криминалот и убијците – рече Јаулески.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, обвини дека има многу неискреност во оваа интерпелација и оти не станува збор за почит кон жртвите во Кочани, туку за директен политички бенефит.
– Овде не се работи за почит кон жртвите, туку за директен политички бенефит. Истрагата ја води Обвинителството, 44 дена од трагедијата, до овој момент има 70 обвинети лица и поднесени се пет кривични пријави. До крајот на истрагата ќе бидат повикани на одговорност сите што се вмешани – рече Стојановски.
Тој обвини дека поентата на овие партии е медиумска сензација и нагласи дека има три вистински причини за интерпелацијата, посочувајќи дека првата е токму успешното справување со криминалитетот, кој за време на Тошковски е намален за 4,8 проценти, но и за врховен судија… се еднакви пред правдата.
Ова е втора интерпелација поднесена за министерот Тошковски. Првата ја поднесоа од ДУИ, во јануари годинава и не ја доби поддршката од мнозинството, а беше извесно дека така ќе помине и оваа. (П. А.)