Иако трошоците за градење на компаниите се намалиле за 9 проценти за една година, сепак цената на становите пораснала за 10,6 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

– Индексите на трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се наменети за преиспитување или мониторирање на трошоците направени од градежните претпријатија при изведувањето на процесот на изградба на нови објекти за индивидуално домување. Главни корисници на податоците за индексите на трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се градежните претпријатија, кои се повикуваат на движењето на трошоците во градежништвото во калкулациите при склучувањето на градежните договори. Во четвртото тримесечје од 2024 година, во споредба со четвртото тримесечје од 2023 година, трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се намалени за 9 %, трошоците за материјали за 8,6 %, а трошоците за вработените за 9,8 % – се наведува во извештајот на Статистика.

На цената на становите влијаат повеќе елементи: квалитетот на градбата, локацијата, инфраструктурата и поволниот деловен амбиент. Галопирачки раст на цената се случи пред три години, кога таа порасна над 20 отсто. Скопје и Охрид и натаму остануваат градови каде што цените на новоизградените станови и натаму уриваат рекорди. Така, добар дел од новоградбите се продаваат и по цена од над 3.000 евра за квадратен метар.

Градежниците неколку пати излегоа со став дека немаат намера да ги намалат цените и посочуваат дека ќе се зголемуваат цените сè додека има побарувачка на новоизградени станови. Лани, во Македонија биле изградени вкупно 3.445 стана, со просечна површина од 70,8 квадратни метри. Во однос на издадените одобренија за градба, последните статистички податоци покажуваат дека во октомври 2024 година биле издадени 363 дозволи за градба, што претставува раст од 11 % во однос на тој месец во 2023 година. Од нив, 216 биле за високоградба, вклучувајќи станбени и деловни згради.

Државата сега, преку изградба на станови, ќе се обиде да му стане конкуренција на градежниот бизнис и да намали дел од цената, која, според сите, е нереална. Лани во јули беа продадени сите станови во зградата на Јужен булевар во Скопје, која ја градеше Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, познато како ПУИГ. На втората јавното наддавање, цената рипна до 1.916 евра за квадратен метар, а почетната беше 1.450 евра. На првото наддавање, кое се одржа лани во февруари, цената за квадрат достигна 1.672 евра.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ