Тројца Американци празнеле банкарски сефови во Македонија, а парите ги переле во САД

5103

Федералната порота на Судот во Бруклин, САД, го осуди Алекс Левин, жител на Њујорк, за перење пари и за кражби, вредни милиони долари, од изнајмени сефови.

Тој бил дел од тричлена група крадци, која не оперирала во САД, туку во банки во Македонија, Украина, Русија, Молдавија, Латвија, Узбекистан, Азербејџан, но и во Франција.

Левин, Вал Купер и Гари Смит, како што објави Си-ен-ен, биле уапсени уште во 2021 година, под обвинение за заговор за перење пари во врска со детална, меѓународна операција за грабеж на банки, од која, во текот на неколку години, заработиле повеќе од 30 милиони долари.

Кражбите од банкарските сефови ги вршеле во периодот меѓу март 2015 и октомври 2019 година, користејќи високотехнолошка опрема со која пристапувале до сефовите во банки во повеќе земји, пишува во соопштението на окружниот обвинител на САД, Канцеларија за источниот округ на Њујорк.

Во Македонија, токму во тој период, поточно во 2017 година, неколкумина граѓани пријавија во полиција дека им се испразнети сефовите што ги имале во три македонски банки.

– Обвинетите и нивните соработници наводно биле дел од софистицирана мрежа криминалци, која користела високотехнолошка опрема за камери за да украде милиони во готовина и други вредни предмети од жртвите, кои се обиделе да го заштитат својот имот користејќи сефови во странски земји. Потоа ги переле приходите преку финансискиот систем на Соединетите Држави – се вели во изјавата на вршителот на должноста обвинител на САД, Марк Џ. Леско.

Како што појаснуваат обвинителите, нивна цел биле банки за кои знаеле дека имаат слабо обезбедување, а најголем дел од нив биле во Источна Европа. Работеле така што доаѓале во банката за да изнајмат сеф, а кога ќе влезеле во просторијата со сефови, ги фотографирале механизмите за заклучување на другите сефови со микрокамери наречени борескопи, кои обично се користат при медицински процедури. Фотографиите ги користеле за да направат дупликат на клучевите.

– Краделе сè што имало во кутиите на сефовите, вклучувајќи валути, златни прачки, накит и друг имот. Злосторствата што ги наведуваме во ова обвинение, како да се излезени директно од холивудската фикција. Крадците користеле софистицирани алатки за да ги оневозможат безбедносните системи во странските банки и се обиделе да ги покријат трагите со перење на парите преку американските банки – рече помошник-директорот на ФБИ, Вилијам Свини.

Обвинителите тврдат дека Купер бил водач на операцијата. Тој ги користел своите банкарски сметки во САД за перење пари од злосторствата. Неговиот адвокат вели дека тој не ги извршил делата, но при претрес во неговиот стан се пронајдени ненумерирани клучеви од сеф, готовина, накит, чанти, борескоп и брава за сеф.

За Левин, пак, наведуваат дека користел сметки во американска банка за да купи опрема за фотоапарат што се користела во некои од кражбите, дека за Смит е наведено дека сам извршил некои од кражбите.

Доколку бидат осудени за заговор за перење пари, обвинетите може да се соочат со казна затвор до 20 години. Нема информација дали и како ќе ја надоместат штетата.