Возачот на брзата помош Иле Гоцевски, кој неуморно ги превезуваше повредените во страотниот пожар во клубот “Пулс“, почина утрово.
Според првичните информации причина за смртта најверојатно е срцев удар. По цел ден транспорт на жртвите и повредените од дискотеката, Гоцевски отишол дома да се одмори, но никогаш повеќе не се разбудил. Тој бил долгогодишен возач на Брза помош и почитуван член на персоналот на кочанската општа болница. Неговото ненадејно заминување ги потресе колегите и пријателите, кои со трогателни пораки се простуваат од него.
„Нашиот Иле не напушти прерано. Тој беше пријател кој секогаш несебично беше тука за другите. „Не“ го немаше во неговиот речник“, стои во една од објавите на социјалните мрежи.
Неговиот колега сподели нивна заедничка фотографија со емотивна порака: “Ништо не му беше невозможно. Секогаш велеше: “Ќе биде направено, пријателе. Брзај – полека”. Што и да напишам, премалку е… Царството небесно за нашиот ангел“.
Во друга објава се изразува тага и почит за Гоцевски:
„Нема зборови што можат да те опишат… Беше повеќе од човек – планина од човек, срце големо колку вселената. Вчера даваше се од себе да спасиш млади животи, а сега и тебе те нема… Почивај во мир голем човеку“.
Почина возач на Брза помош кој цела ноќ ги пренесувал повредените од трагедијата во Кочани