Романтичната комедија „Анора“ на Шон Бејкер, која ја прикажува Ани, млада сексуална придружничка од Бруклин, која се запознава и импулсивно се мажи за Вања (Иван), син на руски олигарх, доби пет награди „Оскар“, меѓу кои за најдобар филм, најдобар режисер и најдобра актерка на 97. доделување на најпрестижните филмски награди што се одржа во Холивуд. Адриен Броди за филмот „Бруталист“ го доби Оскарот за најдобар актер, со што по вторпат се закити со оваа награда, а фаворитката во категоријата најдобра актерка, Деми Мур, за нејзината улога во „Супстанција“, вечерта од свеченоста си отиде со празни раце, што некои го означија како една од најголемите неправди
Независниот филм „Анора“ (Anora) на Шон Бејкер со пет награди Оскар, меѓу кои за најдобар филм и за најдобар режисер, триумфираше на 97. доделување на најпрестижните филмски награди што се одржа синоќа во Лос Анџелес. Романтичната комедија ја прикажува Анора (Ани), млада сексуална придружничка од Бруклин која се запознава и импулсивно се мажи за Вања (Иван), син на руски олигарх. Нејзината бајка е загрозена откако веста ќе стигне до Русија и кога неговите родители тргнуваат за Њујорк за да го поништат бракот.
Филмот ги доби и Оскарите за најдобро оригинално сценарио и монтажа (Шон Бејкер), и на големо изненадување, наградата за најдобра актерка, која отиде во рацете на 26-годишната Мајки Медисон за улогата на Ани во филмот. Американската актерка со Оскарот во раце, видно возбудена и читајќи го својот говор, ѝ оддаде признание на заедницата на сексуалните работници и рече дека ќе продолжи да ги поддржува. „Ова е исполнување на сонот, најверојатно ќе се разбудам утре“, додаде таа. Со овој успех авторот на независни филмови Шон Бејкер беше апсолутен победник, бидејќи дома си отиде со три златни статуетки, земајќи ја наградата и за најдобра режија. „Филмовите треба да се гледаат во киносали, наша задача е да им помогнеме на киносалите“, рече Бејкер во еден од своите говори на сцената.
Што се однесува до актерските награди, во категоријата за најдобар актер, Оскарот го доби Адриен Броди за филмот „Бруталист“ (The Brutalist). Ова е втор Оскар за Броди. „Актерството е кревка професија, иако изгледа гламурозно, а враќањето овде и тоа што можете да го постигнете го докажува тоа. Ова е повеќе од врвот на мојата кариера, и наредните години ќе имам можност да докажам дека сум вреден за ова. Филмот сака да укаже на последиците од војната, да се бориме за она што е правилно, омразата не смее да надвладее“, рече Броди посочувајќи и на зголемениот антисемитизам и расизам. Тој во оваа категорија се натпреваруваше со Ралф Фајнс (Конклава), Тимоти Шаламе (Целосно непознат – A Complete Unknown), Колман Доминго (Синг Синг) и Себастијан Стан (Приправник – The Apprentice).
Наградата за најдобра споредна женска улога очекувано отиде кај Зое Салдана за филмот „Емилија Перез“. „Јас сум гордо дете на родители кои се имигранти“, рече Салдана држејќи ја наградата во раце и ѝ го посвети Оскарот на баба ѝ. Се заблагодари на американската Академија за филмски уметности и науки дека со доделување на признанието го препознале хероизмот на моќните жени.
Актерот Киран Калкин, пак, за „Вистинска болка“ (A Real Pain) ја доби златната статуетка за најдобра споредна машка улога. Кажа дека со жена си се договориле дека ако добие Оскар ќе имаат четврто дете. „Без притисок“, ѝ рече Калкин. Тој во оваа категорија ги победи Гај Пирс (Бруталист), Јура Борисов (Анора), Едвард Нортон (Целосно непознат) и Џереми Стронг (Приправник).
Од останатите категории, Оскарот за кинематографија го доби „Бруталист“, за костимографија, но и за сценографија (продукциски дизајн) – „Злобница“ (Wicked), а за шминка и фризура – филмот „Супстанција“ (The Substance). Наградата за адаптирано сценарио отиде кај „Конклава“. Филмот на Дени Вилнев „Дина: Втор дел“, пак, доби два Оскари – за звук и за визуелни ефекти.
Со признанието за најдобар анимиран долгометражен филм се закити латвискиот „Поплава“ (Flow), а за анимиран краток, иранскиот „Во сенката на чемпресот“ (In the Shadow of the Cypress). „До вчера немавме виза за да дојдеме и бевме разочарани, а сега стоиме овде со оваа статуетка во раце. Ова е чудо“, рекоа авторите на овој филм. За најдобар краток документарец беше прогласен „Единствената девојка во оркестарот“ (The Only Girl in the Orchestra), а за долгометражен документарец – „Нема друга земја“ (No Other Land). Палестинско – израелските активисти, автори на овој филм – повикаа на правда, слобода и мир за двата народа.
Наградата за најдобар интернационален филм отиде кај бразилскиот „Сè уште сум тука“ (I`m still here), а „Не сум робот“ (I’m Not a Robot) беше прогласен за најдобар краток филм. Во категоријата најдобра песна победи „Ел Мал“ (El Mal) за остварувањето „Емилија Перез“, а Оскарот за најдобра музика (саундтрак) го доби филмот „Бруталист“.
Инаку, мјузиклот на Нетфликс за транс наркобосот во Мексико „Емилија Перез“, кој иако водеше со 13 номинации, беше најголем губитник на свеченоста на доделувањето за Оскарите, бидејќи доби само две награди. Иако фаворитка во категоријата најдобра актерка, Деми Мур за нејзината улога во „Супстанција“, што ѝ беше прва номинација, вечерта од Оскарите си отиде со празни раце, што некои го означија како една од најголемите неправди. (Н.И.Т.)
Интересни моменти и оние за паметење на Оскарите
Свеченоста на 97. доделување на „Оскарите“ во Долби театарот во Холивуд започна со песната „Over the Rainbow“ испеана од Аријана Гранде, а сцената беше исполнета со чад што укажуваше на големите пожари кои ги зафатија Лос Анџелес и Калифорнија. Во текот на вечерта беше истакната поддршката за пожарите и укажана чест за пожарникарите. Водител на свеченоста беше комичарот Конан О’Брајан, кој испеа песна дека нема да ни го губи времето, иако „Оскарите“ се знае дека траат предолго.
Toj се пошегува заедно со Адам Сендлер, за тоа како е облечен и зошто така дошол, во дуксер на „Оскарите“, алудирајќи на скандалот со/без сакото на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба.
Рокерот Мик Џегер беше презентер во категоријата најдобра песна. Публиката на нозе го поздрави, а музичарот Елтон Џон беше во неа. Џегер рече дека всушност тој и не бил првиот избор на продуцентите на шоуто, туку Боб Дилан. „Но Боб Дилан не сакаше да дојде, па сакаа некој помлад. Па така дојдов јас“, се изнасмеа Џегер. Дилан е роден 1941, а Џегер – 1943 година.
Бен Стилер интересно ја претстави категоријата продукциски дизајн кога не успеа со подвижниот дел од под сцената целосно да се искачи на неа. Се заглави до половина, а потоа повторно се спушти и го снема, па мораше да скока за да може да ги претстави номинираните во оваа категорија.
Актерите Били Кристал и Мег Рајан ја прогласија категоријата за најдобар филм. Комичарот Кристал, кој повеќепати бил домаќин на Оскарите, рече дека е прекрасно да се врати на сцената, а првпат почнал пред 35 години. „Прекрасно е да се вратам овде, знаете, сепак јас овде работев“, се пошегува тој.
Морган Фриман одржа говор во чест на актерот Џин Хекман, кој неодамна почина на 95 година, а во делот „In memoriam“ публиката беше потсетена на сите филмаџии кои веќе не се меѓу нас, како Дејвид Линч, Крис Кристоферсон и Доналд Сатерленд.
Во чест на продуцентите на Џејмс Бонд филмовите, публиката беше потсетена на познати кадри од популарните остварувања за најпознатиот филмски агент – 007, а беа исполнети и нумерите како „Skyfall“, „Diamonds Are Forever“ и „Live and Let Die“.
На црвениот тепих годинава се појавија голем број ѕвезди меѓукои Ели Фенинг, Синтиа Ериво, Мајли Сајрус, Аријана Гранде, Бен Стилер, Џеф Голдблум, Вупи Голдберг, Фелисити Џонс, Тимоти Шаламе, Џон Лидгоу, Ана де Армас, Роберт Дауни Џуниор, Вилем Дефо, Лупита Нионго, Гај Пирс, Голди Ховн, Мишел Јо, Хали Бери, Квин Латифа, Ема Стоун, Селена Гомез, Дејв Батиста, Џеси Ајсенберг, Скарлет Јохансон. Интересен момент беше кога актерката Хали Бери на црвениот тепих страсно го бакна актерот Адриен Броди додека тој даваше интервју. „Извини Џорџина, но морам да го направам ова“, рече таа, извинувајќи ѝ се на неговата девојка Џорџина Чепмен. Потоа тие се насмеаја, а Бери изјави дека чекала 21 години за да го фати на црвениот тепих и да го бакне, како тој тогаш неа.
Фото: EPA/EFE, Youtube