Кајл Вокер важи за најголем љубовник меѓу репрезентативците на Англија, но тој не е единствениот што ја изневерува сопругата. Сега се појави уште една ѕвезда за која се пишува многу на островот, а порано беше главна тема исклучиво поради игрите на теренот.

Англискиот репрезентативец и капитенот на Њукасл јунајтед, Киран Трипие, поминува низ семејни проблеми и се чини дека е на прагот да се разведе од сопругата Шарлот. Додека настапуваше за Англија на Европското првенство во Германија, неговата сопруга ја стави нивната вила на продажба.

Освен што не дојде да го бодри на ЕП, таа престана и да го следи на „Инстаграм“. Покрај тоа, таа неодамна објави порака дека е подготвена да се разведе од  него.

  • Порано или подоцна, ќе ги надминете неволјите. Дури и ако сте помислувале дека никогаш нема да го направите тоа, тоа ќе биде најубавото чувство – напиша сопругата на англискиот репрезентативец, истовремено сакајќи да се ослободи од нивната вила во Њукасл, која вреди 4,5 милиони евра.

Во мај 2023 година, Трипие го прослави со соиграчите од Њукасл пласманот во Лигата на шампионите. Цела вечер ја помина во кафеана со друга жена, а во јавноста протекоа фотографии на кои се гушка со неа. Неговата сопруга во тоа време беше на одмор во Шпанија.

Во септември, англискиот дефанзивец одби да игра за репрезентацијата, на натпревар против Украина, наведувајќи ги како причина семејните и личните проблеми.

Трипие е производ на академијата на Манчестер сити, но никогаш не дебитираше за првиот тим. Во текот на кариерата, настапуваше за Барнсли, Барнли, Тотенхем, Атлетико Мадрид, а сега, веќе две и пол сезони, го носи дресот на Њукасл јунајтед.