Тринаесетмина осомничени за сомнителни набавки и дистрибуција на мазут

1517

Големата полициска истрага за сомнителни набавки и дистрибуција на мазут за потребите на државните електрани, во периодот на енергетската криза во земјата, опфаќа тринаесет осомничени. Меѓу нив, поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство и е недостапен за органите на прогонот во истрагата за предметот „Адитив“, потоа сопствениците на „РКМ“ – Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко Петрол”, еден поранешен директор на ЕСМ, поранешна директорка за финансии на АД ЕСМ, секторска директорка и други службени лица поврзани со набавките за мазутот. Полицијата вчера соопшти дека приведени се 11 лица, еден е недостапен, а друг е веќе во притвор. Осомничени се перење на пари и злоупотреба на службената должност.

-Од извршените претреси пронајдени и одземени се документација, пет мобилни телефонски апарати, околу 1.500 парчиња муниција од различен калибар, два пиштоли и три патнички моторни возила. Од страна на МВР поднесена е кривична пријава за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ против 13 физички и едно правно лице и тоа: В.К. (55) од Битола, А.М. (44) од Скопје, Н.С. (61) од Општина Маврово и Ростуше, Е.П. (52) од Скопје, М.Н. (60) од Скопје, Б.М. (51) од Скопје, Р.Р. (48) од општина Желино, Д.С.Ј. (43) од Куманово, Д.С. (66) од Скопје, Д.С. (43) од Велес, Р.К. (38) од Скопје, Е.С. (43) од Кичево и А.Ј. (40) од с. Пласница и правно лице од Скопје, стои во кривичната пријава на МВР.

Во координираната акција на МВР со Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција се опфатени фирми и функционери замешани во сомнителни набавки на мазут, штетни горива за здравјето на граѓаните, со недозволено ниво на сулфур. Истрагата, според информациите, се однесува на докажување на неколку кривични дела и тоа во делот на начинот на добивање на тендерите за набавка на мазут распишани од страна на ЕСМ, односно дали биле менувани тендерските услови со цел да се фаворизира фирмата “РКМ“ во сопственост на Капушевски. Понатаму, истрагата ја става под лупа промената на сопственост на фирмата на Капушевски, кога како сопственик влегува Ерџан Сулкоски, поранешен вработен во „Пуцко Петрол“, кој исто е опфатен во пријавата на МВР. Полицијата во претресите, кои ги спроведе во понеделникот во доцните попладневни часови, влезе и во фирмите на дел од приведените. Во јавноста беа споделени информации од акцијата, дека во текот на претресот кај сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, неговиот татко Исмаил Јахоски, инаку пратеник од редовите на коалицијата „Европски фронт“, се повикувал на имунитетот и ги одбивал судските наредби за претрес.

Неофицијално, преку фиктивните договори за позајмици и посреднички услуги за испорака на мазут со низок квалитет биле извлечени 10 милијарди денари, над 161 милиони евра. Но, освен финансиската штета врз државниот буџет, уште поголема е штетата врз здравјето на граѓаните и животната средина, доколку се докаже дека била предизвикана со штетните горива кои ги набавувала ЕСМ од фирмите на осомничените.

Од еколошките здруженија за весникот ВЕЧЕР, објаснуваат дека сулфур диоксидот доколку го има над дозволеното во воздухот предизвикува отежнато дишење, затегнатост во градите, сериозни респираторни и срцеви заболувања. Докторите кои ги консултиравме објаснуваат дека симптомите се манифестираат преку често кивање, отежнато дишење, воспалено грло, чувство на задушеност. Медиумите во блиското минато објавуваа дека Ратко Капушевски во два наврати бил фатен како увезува или се обидува да увезе лажно деклариран мазут во Македонија. Првата ваква пратка била од Германија, а откриена од страна на хрватските цариници на граничниот премин со Србија. Испитувањата на хрватскиот Инспекторат за животна средина покажале дека станува збор за токсичен отпад и дека тарифните броеви биле погрешни. Вториот пат мазут на оваа компанија, кој доаѓал од Словачка, бил испитуван од македонскиот Државен пазарен инспекторат. Анализите покажале дека станува збор за токсичен отпад, а не за мазут, пишуваа од ИРЛ. Регулаторната комисија му ја одзеде лиценцата во 2021 година, но за кусо време му ја врати и РКМ стана главен набавувач на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, во време на енергетската криза.

На интернет-страницата на фирмата на Капушевски стои дека започнува со продажба на мазут во 2020, за по една година да порасне и да стане препознатлив бренд во Балканскиот енергетски сектор.

– Нашите нафтени деривати се согласно законските прописи и правилниците за стандардизација во зависност од матичната држава на нашиот локален партер, купувач или дистрибутер, пишува во резимето на РКМ Скопје, која располага со складишен простор од 4.500 мт за мазут.

Ратко Капушевски, кој станува омилен добавувач за потребите на ЕСМ од 2021 година, беше изненадување на пазарот со оглед на неговиот партиски ангажман во ВМРО-ДПМНЕ од времето на Никола Груевски. Тој беше најмладиот директор на спортскиот центар „Борис Трајковски“, на околу дваесет години, кој ја уживаше довербата од тогашниот партиски лидер. По напуштање на политиката, Капушевски се вработи во фирмата на Сергеј Самсоненко. Скапата зделка помеѓу ТЕЦ Неготино и РКМ беше предмет на антикорупциската комисија, фирмата испорачувала помалку мазут, а ЕСМ потпишувала анекси со оваа компанија на веќе неважечки договори. На системот за електронски јавни набавки може да се најде единствено договорот помеѓу РКМ и „Балкан Енерџи“ за набавка на мазут во 2022 година, во вредност од близу 40 милиони евра.(П.А.)

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ