На две локации во секоја населба бесплатно ќе се собира кабаст отпад

38

Општина Кисела Вода преку Секторот за месна самоуправа и социјална заштита, во соработка со Министерството за животна средина, организира тримесечна акција за собирање на кабаст отпад. Оваа акција е дел од акцискиот план на Владата за почист воздух.

-Акцијата ќе започне за две седмици и ќе се одвива во февруари, март и април, во периодот од 15 до 20 во секој од овие месеци. За граѓаните ќе бидат обезбедени по две локации во секоја населба и населено место, каде што ќе можат да го изложат својот кабаст отпад и шут. Секое одложување надвор од дефинираните локации ќе биде санкционирано од страна на инспекциските служби на Општината – информираат од локалната самоуправа.

Оттаму додаваат дека и досега редовно се организирале вакви акции, но оваа е прва што ќе трае цели три месеци, со што се овозможува подетално расчистување на непотребниот отпад.

-Правилното складирање и управување со отпадот е од клучно значење за зачувување на животната средина и здравјето на граѓаните. Несоодветното одложување на кабастиот отпад доведува до загадување и создавање на диви депонии, кои дополнително го загрозуваат квалитетот на воздухот, почвата и водите – децидни се од Општина Кисела Вода.

При тоа, ги повикуваат сите граѓани совесно да се однесуваат и да го одложуваат отпадот само на предвидените локации.

–  Со оваа акција им даваме можност на жителите да се ослободат од стариот мебел, апарати, градежен шут и друг кабаст отпад на легален и организиран начин. Со поставување на определени локации за одложување, спречуваме создавање на диви депонии и непотребно загадување на околината. Дополнително, нашите екипи ќе вршат редовни контроли за да обезбедат правилно почитување на акцијата. Во исто време, во тек е генерално чистење на oпштината, каде што се собира комунален отпад од сите населби и населени места. За жал, сведоци сме дека меѓу овој отпад се наоѓа и големо количество кабаст отпад и шут, што укажува на тоа дека сè уште има граѓани кои не го почитуваат законот за животна средина – истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Тој, апелира, сите да ја искористат оваа акција, да го одложуваат отпадот на предвидените места и да дадат свој придонес кон почиста и поубава Кисела Вода.

ИЗДВОЕНИ