На 49-годишна возраст почина познатиот руски борач Буваисар Саитијев, јавуваат руските медиуми. Саитијев само за една недела не го дочека 50. роденден, а се уште нема официјални информации за причината за смртта. Тој починал во Москва, каде што бил примен пред неколку дена поради сомнеж за труење, имал и неименувана болест на белите дробови, па се претпоставува дека смртта настапила поради срцев удар како последица на труењето.

Буваисар Саитијев е трикратен олимписки шампион во борење во слободен стил, откако ја освои титулата во категоријата до 74 килограми во Атланта во 1996 година, Атина во 2004 година и на крајот во Пекинг во 2008 година.

  • Ми се јавија пред десет минути и ми кажаа дека се случила таква трагедија. Тешко ми е да поверувам. Требаше да летаме заедно утре, изјави претседателот на Руската боречка федерација (РВФ), Михаил Мамиашвили, во интервју за „ТАСС“, без да ја прецизира причината за смртта на спортистот, бидејќи најверојатно се чека обдукција.

Се огласи и чеченскиот претседател Рамзан Кадиров, кој на „Телеграм“ напиша дека Саитијев имал проблеми со срцето.

  • И покрај сите напори на лекарите, повеќе го нема. Но, засекогаш ќе остане во нашите срца како човек кој го посвети својот живот на спортот, воспитувајќи ја помладата генерација и му служи на својот народ, истакна Кадиров.

Покрај олимписките злата, Саитиев има и шест златни медали на светските првенства, како и на европските првенства. Зад себе остави сопруга, три сина и ќерка.

ИЗДВОЕНИ