Тридневната прослава го чинела Охрид 19 илјади, а Битола одвоила 100.000 евра за „Зимската приказна“

48

Во Струга немаше организиран пречек на Нова година, но Општината потрошила вкупно 2.490.000 денари (околу 40.000 евра). Од нив, за украсување на градот, Општината дала 2 милиони денари (околу 32.000 евра), а според програмата усвоена од Советот, биле предвидени и дополнителни трошоци

 

Поминаа новогодишните празнувања и секоја од општините сумира колку ја чинеле украсувањето и програмите предвидени за забава на граѓаните по тој повод. Околу 19.000 евра потрошила Општина Охрид за тридневната прослава за пречекот на Нова година на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“.

Овие средства биле наменети за поставувањето на бината, за озвучувањето, осветлувањето и поголем дел – за хонорарите на музичарите што настапија во текот на празничната програма: Каролина Гочева, Наум Петрески, Пајак, охридската група „Тејк фајв“ и диџеите Гец и Фејс.

На 30 декември, на градскиот плоштад се одржа стендап шоуто „2 Мадрс брадрс“ на Никола Тодороски и Стрезо Стаматоски, а на 1 јануари имаше дневна забава со Сара Мејс и со групата „Балканикос бенд“. Новогодишната програма оваа година го вклучи и проектот „Охридска новогодишна приказна“, кој започна на 24 декември и имаше 20 забавни настани посветени на децата.

Украсувањето беше со реквизити од минатите години, но беа одвоени и дополнителни 1.400.000 денари (околу 23.000 евра) за набавка на нови, со што се надополни новогодишниот празничен изглед. По теркот на европските градови, годинава на двата охридски плоштади имаше и новогодишни базари за посетителите.

Голем број туристи од земјава и од странство дојдоа во Охрид во текот на новогодишните празници, а најбројни, покрај домашните, беа Бугарите, Србите и Турците. За многумина од нив, годинашната новогодишна прослава била една од најдобрите организирани од Општина Охрид.

Во Струга немаше организиран пречек на Нова година, но Општината потрошила вкупно 2.490.000 денари (околу 40.000 евра). Од нив, за украсување на градот, Општината издвоила 2 милиони денари (околу 32.000 евра), а според програмата усвоена од Советот, биле предвидени и дополнителни трошоци.

За Дедо Мраз и маршутата биле обезбедени 40 килограми бонбони и украсни новогодишни реквизити, во вкупна вредност од 15 илјади денари. Според програмата, биле потрошени и 45.000 денари за првите три новороденчиња, на кои им биле доделени штедни книшки од по 15.000 денари, 10.000 денари за најубаво украсената куќа, 300.000 денари за новогодишни пакетчиња за децата од социјално загрозените семејства, децата со попреченост и за децата на вработените во општинската администрација.

За „Зимската приказна“ во Битола, која траеше 18 дена, со над 150 настани, 3.000 изведувачи и 400 часа активна програма, Општина Битола и Културно-информативниот центар (КИЦ), чиј основач е, исто така, Општината, потрошиле 6.185.467,00 денари (100.905 евра). Бројките за празничната манифестација ги презентираше градоначалникот Тони Коњановски, на прес-конференција, посочувајќи дека ова е транспарентна општина. Тој рече дека од Општината ќе бидат исплатени 3.997.982 денари (над 65.000 евра) кон изведувачите, а другите над 35.000 евра – од КИЦ.

Коњановски соопшти дека КИЦ, преку спонзорства, заработил 2.299.500 денари (37.500 евра), а склучил и договор за соработка со Јавното претпријатие „Паркинзи“, со кој се регулирани рекламирањето на спонзорите и вклучувањето на лизгалиштето и возот „Мечо“ во „Зимската приказна“. „Паркинзи“, преку спонзорство, добило поддршка од 300.000 денари, со што се овозможило да се возат децата со вовчето 15 дена.

Крај платото на Офицерскиот дом имаше изнајмени 11 куќарки, кои нудеа храна и пијалаци, од кои Општината заработила 1.019.000 денари (16.623 евра).

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ