Основните училишта „Св. Кирил и Методиј“ и „Никола Карев“ и средното електромашинско училиште „Гошо Викентиев“ од Кочани добија роботска техника што ќе ја олесни обуката на ученичките тимови за учество во Првата лего-лига по роботика.
Опремата е дел од донаторската акција што ќе се реализира во 13 училишта во државата, а ја спроведува Академијата за роботика и иновации – Македонија со поддршка од компанијата „Bechtel Corporate“.
– Горди сме што оваа иницијатива ќе придонесе учениците да имаат соодветен пристап до обуката по роботика. Еден од најголемите предизвици со кои се соочува современиот свет е да се обезбедат што повеќе инженери и стручни лица за научна работа меѓу младите генерации. Се надевам дека со оваа опрема и со учеството во Лего-лигата ќе ги инспирираме учениците и ќе им дадеме можност да се вклучат во потребите за инженерски персонал – истакна Џорџ Бејкер, претставник од компанијата „Bechtel Corporate“.
Од Академијата за роботика и иновации очекуваат со донирањето на роботска опрема во образовните институции да се зголеми бројот на училишните тимови и квалитетот на учесниците на натпреварите на домашно и меѓународно ниво.
– Се работи за опрема од последната генерација на Lego education програмите, со што еден сон што го имавме на почетокот веќе станува реалност. Ќе можеме да вклучиме што повеќе тимови од формалното образование во Првата лего-лига, а донаторската акција ја почнуваме токму од Кочани, каде што пред седум години со донацијата од Ротари клубот Кочани – Виница почна целата успешна приказна во роботиката – истакна Гордан Анастасов, од Академијата за роботика и иновации.
Македонските тимови годинава ќе учествуваат во седмата сезона од Првата лего-лига, во која на минатогодишниот државен натпревар во Штип првото место го освои тимот MAKBot Pioneers од СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани.