– Во ова дело се занимавам со врските помеѓу мажите и жените, дали боли љубовта кога ќе ја нема и каква е таа физичка болка. Ова е роман за нови почетоци. Трите Марии се обидуваат да почнат нов живот, првите две Марии се обидуваат и не успеваат, а третата Марија – можеби ќе направи нов избор. Мораше да има и малку оптимизам. Ова не е феминистички, туку човечки роман за љубовта – рече Оливера Ќорвезироска на промоцијата на својот најнов роман „Три Марии“


Со читање делови од романот и со разоткривање детали од приказната, но со суптилно премолчени нешта, шепот и тоа што не смее да се чуе за да не се растури книжевната магија, синоќа во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, беше промовиран најновиот роман на писателката Оливера Ќорвезироска, „Три Марии“. Со промоцијата на книгата, која е издание на „Арс либрис“, беше отворено второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“, кој е во организација на „Литература.мк“. Промоторка на книгата беше Илина Јакимовска, а извадоци прочитаа актерките Катерина Коцевска (во улогата на Марија Пребирлиева), Биљана Драгиќевиќ-Пројковска (како Марија Зара) и Симона Димковска (како Марија Деспотовска-Солев).


„Три Марии“ е трет роман за возрасни на Ќорвезироска, по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“. Тој е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, кој не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. Авторката поетички сака да се надоврзува на своите претходници, па оттаму доаѓаат и игривото варирање на насловот на романот на Јаневски „Две Марии“ од 1956 година, и именувањето на еден од машките ликови само со Славко, и присуството токму на тој роман на полиците во станот. Уште една референца и посвета на Славко Јаневски е дизајнот на корицата на книгата, каде што е употребен детаљ од неговата слика „Бош“. Дизајнот на корицата го направи Марко Трпески.


Авторката Оливера Ќорвезироска рече дека „Три Марии“, иако роман за три жени, сепак, не е феминистички роман.
– Во романот не се занимавам со тоа кој чисти дома и кој работи сѐ, а кој се излежува или се шета… како си ги распределуваат партнерите обврските дома. Не ме интересира тоа и не ми е возбудливо – книжевно. Она што ме интересира во оваа книга се длабоките емотивни врски што си ги оставаат партнерите на себе, тоа што го наследиле како несреќа, бидејќи сметам дека несреќата и траумата се наследуваат во семејствата и низ генерациите. Изборите, судбините доаѓаат како наследство. Исто така, ме интересираше болката што останува по ампутирањето на нештата. Знаеме медицински дека кога ќе се ампутира рака, на тој што повеќе ја нема – сѐ уште го боли. Во ова дело се занимавам со врските помеѓу мажите и жените, дали боли љубовта кога ќе ја нема и каква е таа физичка болка. Ова е роман за нови почетоци. Трите Марии се обидуваат да почнат нов живот, првите две Марии се обидуваат и не успеваат, а третата Марија – можеби ќе направи нов избор. Мораше да има и малку оптимизам. Ова не е феминистички, туку човечки роман за љубовта – нагласи Ќорвезироска.
Поднасловот „Роман басма“ во извесна смисла го „оправдува“ присуството на многу фолклорни обичаи, верувања и суеверија, црни судбини, фатуми и карасевди во романот. Иако станува збор за современ роман од нашево време и од нашиот микропростор (Скопје), во него има етнообичаи од североисточна Македонија: китење младоженец со пари, погребување мртовец со кукла… како и свадбарско мавиле од велешкиот крај.
– Веројатно, повеќето помислуваат дека потекнува зборот од зборот „басма“ – шарена памучна ткаенина. И не е неочекувано, особено во контекст на моето досегашно творештво, бидејќи често користам термини како шиење, плетење и друга рачна работна… па, веројатно, повеќето сфаќаат дека сум напишала текстилен роман. Зборот „басма“ е хомоним – првото значење е ткаенина, но второто значење е тајни зборови / содржини при баењето. Кога бајат бајачките, тоа што го шепотат и што не смее да се чуе се вика басма. Ако ја чуете басмата што ја кажуваат бајачките, ќе се расипе магијата, басмата треба да се насетува, реконструира, но не смее да се чуе. А, бајачката треба да ѝ ја остави басмата на својата избраничка за да продолжи да бае и нејзе да ѝ ја каже. Басмата не може да се прочита. Кај Марко Цепенков, тешко е да најдете басма, бидејќи се разбива магијата. Она што сум го прочитав за басмата (во периодот додека интензивно го пишував романот) беше магистерскиот труд на Ана Марија Бранѓолица. На промоцијата на книгата, првпат слушнав басми – нејзината приказна дополнително ми даде животна приказна, ми даде дополнителна енергија, бидејќи Ана Марија била внука на бајачка, која ѝ ја дала басмата за да ја бае. А, таа магистрирала и ни овозможи на сите да ја чуеме басмата. Затоа поднасловот на мојот роман е „Роман басма“, нешто тајно што не можеме да го кажеме до крај, нешто што треба да го прошепотиме, да не го дочуеме, бидејќи ако се каже експлицитно и до крај, нема да фати магијата, дури ни книжевната – рече Ќорвезироска.
„Три Марии“ содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија и кои сакаат да го напуштат моменталниот живот поради грешна љубов. Своја или туѓа. Она што ги обединува во романескна структура е токму станот што се издава и што сите три сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него.
– Трите Марии, иако се три различни жени, може да се доживеат и како една иста Марија. Трите го изнајмуваат станот на „Народен фронт“ 28, во Капиштец. Интересно е што вистинската улица „Народен фронт“ нема парни броеви, па ако појдете да ја барате оваа адреса, нема да ја најдете. „Народен фронт“ 28 ќе го најдете само во книгата – рече авторката на крајот.

Оливера Ќорвезироска (1965) е родена во Куманово. Автор е на „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија); „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца); „Дедо Миле“ (сликовница); „Отвораат ли сништата работа“, „Еден текст и една жена“ и „На полпат“ (критика и есеистика); „Заклученото тело на Лу“, „Аб’т“ и „Три Марии“ (романи за возрасни); „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „(Со)шиени раскази“, „Новелички без шеќер“, „Улиците што ги нема“ и „Престапни години“ (раскази за возрасни). Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на повеќе јазици. Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ во Македонија, а за „Сплетени раскази“ во 2003 година ја има добиено наградата „Стале Попов“ за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија. Член е на ДПМ и на Македонскиот ПЕН-центар.

Инаку, второто издание на фестивалот „Видик“ ќе трае до 16 април. Вечерва (3 април), во 20:00 часот ќе се одржи театарска претстава „Лекција“ од Ежен Јонеско, со Јовче Пандев, Калина Велковска и Маја Ѓурчевска во главните улоги. На 4 април, пак, во 20:00 часот ќе се одржи промоцијата на книгата посветена на Ѓорѓе Балашевиќ, „Панонскиот адмирал“ од Иван Ивачковиќ. Во продолжение ќе се одржи музички настап со песни од Ѓорѓе Балашевиќ, во изведба на бендот „Rumble Acoustic“.

ИЗДВОЕНИ