Три кандила од Бигорски ќе горат на гробот на Пресвета Богородица во Ерусалим

95

Три сребрени кандила наскоро ќе почнат да горат во црковниот храм посветен на сечесниот гроб на Пресвета Богородица во Гетсиманија, во близина на Ерусалим. Ваков подарок денеска му бил врачен на митрополитот Јоаким од Ерусалимската патријаршија, кој е старешина на овој храм и кој престојуваше во посета на братството на Бигорскиот манастир предводено од епископот атаниски, Партениј. Се работи за возвратна посета на митрополитот Јоаким откако во 2022 година поголема група монаси и монахињи од Македонија го посетиле храмот посветен на Пресвета Богородица.

– Сега би сакале да ја изразиме својата голема и света благодарност кон мајката наша Богородица со еден скромен подарок за Нејзиното најголемо светилиште. Имено, уште при нашето сослужение во Гетсиманија, посакавме и ветивме да даруваме три сребрени кандила за светиот гроб на Мајката на Животот, како што е древен обичај таму. Но еве, денеска, според Божјата неиспитлива промисла, Богодорица нè удостојува да му ги предадеме лично на Нејзиниот верен и добар слуга и работник, игуменот на светата Гетсиманија, високопреосвештениот митрополит г. Јоаким. Овие сребрени кандила со позлата, обележани и со иницијалите на сесветиот гроб Христов, односно со логото на знамето на Божигропското братство на Ерусалимската патријаршија, се наш мал прилог на благодарност за преголемата светиња на Пресвета Богородица – изјави денеска епископот атаниски, Партениј.

Од своја страна, митрополитот Јован на Бигорскиот манастир даде возвратен подарок, комплет архијерејски енколпии со ликовите на Господ Исус Христос и на Пресвета Богородица, како симбол на духовната врска меѓу Гетсиманија и Бигорската обител.

– Дозволете ми да кажам збор-два за црквата овде, за вашата канонска црква, која, навистина, кога првпат дојдовте, од православниот свет сè уште беше сметана за расколничка црква. Бог конечно погледна за да се реши овој неправеден проблем што постоеше во православието, оваа рана. Знаете, овие прашања се од поново време и години. Кога го имаме зборот „православен“ во нашиот идентитет, тоа кажува сѐ. Не е важно дали потекнувате одовде, дали ние потекнуваме од Грција или дали сме Арапи. Апостолот Павле многу добро вели: „Тука нема повеќе ни Елини, ни Јудејци, ни обрезани, ни необрезани, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сè и во сè е Христос“ (Колос. 3,11). Сите ние сме обединети во името Христово. Кога се причестуваме со телото и крвта Христови, ние сме православни и сме браќа, бидејќи кога ја примаме крвта Христова во нас, сите ние стануваме браќа. И овие работи мора конечно да престанат во православието, бидејќи доволно пострада телото Христово од различните поделби. Сега сме едно и така можеме да имаме општење и да престанат соблазните и расколите на црквите. Сакав со многу љубов да ви ги исповедам овие работи, бидејќи навистина страдаме кога има поделби во црквата – порача овој митрополит. (Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ