Три измами за еден ден во Куманово: Ги лажел дека најблиските усмртиле дете мигрант и им зел 2500 евра и 100 илјади денари

35

Три измами за наводни сообраќајни несреќи на кои мета биле повозрасни кумановци се случиле во четвртокот во Куманово, соопшти денеска кумановската полиција. На измамата подлегнале две лица кои дале 2. 500 евра и 100.000 денари. Едниот од кумановците се посомневал и пријавил во полицијата. Лицето во сите три случаи се претставувало како полициски службеник и барало пари за членови на семејствата кои наводно сториле сообраќајка во која жртва било дете мигрант.

Првата била пријавена во 13.00 часот во СВР Куманово 74 – годишен маж од Куманово пријавил дека едно лице се обидело да го измами.

-Според пријавеното, лицето му се јавило на телефон и претставувајќи се како полициски службеник, му кажало дека наводно неговата ќерка предизвикала сообраќајна незгода во која прегазила дете мигрант и ќе треба да даде одредена сума на пари за да не оди во затвор. Како што е пријавено, тој се посомневал во точноста на информацијата и пријавил во полиција, информираа од СВР Куманово.

Малку подоцна 16.00 часот во СВР Куманово, 66 – годишна жена од Куманово пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 2500 евра. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило на телефон и претставувајќи се како полициски службеник ја известило дека нејзината ќерка предизвикало сообраќајна незгода во која прегазила дете мигрант и ќе треба да плати одредена сума на пари за да не ја гонат кривично. Како што е пријавено, таа ги однела парите на договореното место, а подоцна се слушнала со нејзината ќерка и сфатила дека е измамена.

Во 17.00 часот во СВР Куманово, 83 – годишен маж од Куманово пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 100.000 денари. И нему, лицето му се јавило на телефон и претставувајќи се како полициски службеник му кажало дека неговите син и снаа предизвикале сообраќајна незгода во која прегазиле дете мигрант и ќе треба да плати одредена сума на пари за да не ги гонат кривично. Како што е пријавено, тој ги однел парите на договореното место, а подоцна се слушнал со неовиот син и сфатил дека е измамен.

Полицијата презема мерки за расчистување на случаите.

Во текот на 2024 година во СВР Куманово биле регистрирани две измами со сообраќајни незгоди. Според пријавите, сторителите се јавуваат на телефон, при што со лажно прикажување на факти ги доведуваат во заблуда граѓаните дека член од нивното семејство имал сообраќајна незгода и дека потребна одредена сума на пари за да се изврши операција или да не бидат кривично гонети.

Секторот за внатрешни работи Куманово апелира до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните лица кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на бесплатниот телефонски број 192. СВР Куманово презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на сторителите на измамите.

ИЗДВОЕНИ