По повод тригодишнината од почетокот на руската агресија врз Украина, во Киев, вчера, допатуваа повеќемина високи претставници на ЕУ. На чело на делегацијата од 21 еврокомесар беа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта; претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот парламент, Роберто Мецола. Тие потврдија дека Европа цврсто стои зад Украина и порачаа дека Русија и нејзиното раководство се единствените одговорни за војната во Украина и за злосторствата извршени врз украинското население. Исто така, информираа дека се усвоени нови санкции за Русија
Војната во Украина денеска влегува во четвртата година, а сè уште не е на видик остварување на ветувањето на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека ќе ѝ стави крај за кратко време.
– Три години отпор. Три години благодарност. Три години апсолутно херојство на Украинците. Горд сум на Украина – вели украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во објава на социјалните мрежи, по повод тригодишнината од руската инвазија на Украина, која се одбележа вчера.
Во објавата, тој изразува благодарност до сите што ја бранат и ја поддржуваат Украина и до сите што работат за неа.
– И нека е вечен споменот на сите што ги дадоа своите животи за нашите земја и народ – вели Зеленски во објавата илустрирана со видео од сите немили случувања во земјата, во последните три години.
По повод тригодишнината од војната, се огласи и руската страна, која објави дека е нереално да се очекува брз крај на војната. Како што пренесе агенцијата РИА, заменикот на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Ријабков, рекол дека ги препознаваат американските напори за брз прекин на огнот, но дека тоа, без долгорочно решение, се заканува со сериозни последници за односите Русија – САД. Министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, пак, рече дека Русија ќе престане да се бори во Украина само кога ќе го добие она што го сака од преговорите за ставање крај на конфликтот. Москва бара украинската армија да се предаде, Киев да отстапи пет региони што се целосно или делумно окупирани, како и да се откаже од влезот во НАТО. Исто така, бара Украина да одржи избори и да воспостави нова власт, со оглед на тоа што мандатот на претседателот Володимир Зеленски му е одамна истечен.
Истовремено, украинската вицепремиерка, Олга Стефанишина, изјави дека Украина и САД ги привршуваат преговорите за договор за ретки минерали.
– Украинските и американските тимови се во завршна фаза од преговорите. Разговорите беа многу конструктивни, при што се утврдени речиси сите клучни детали. Се надеваме дека ќе биде потпишан договорот од лидерите на САД и на Украина и поддржан во Вашингтон за да ја покаже нашата посветеност во следните децении – изјави Стефанишина.
Претходно, претседателот Зеленски изјави дека одбил да го прифати предлогот на Трамп според кој, како компензација за американската поддршка за Украина, се бара пристап до украинските природни богатства, во вредност од 500 милијарди долари.
По повод тригодишнината од почетокот на руската агресија врз Украина, во Киев, вчера, допатуваа повеќемина високи претставници на ЕУ. На чело на делегацијата од 21 еврокомесар беа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта; претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот парламент, Роберто Мецола. Тие потврдија дека Европа цврсто стои зад Украина и порачаа дека Русија и нејзиното раководство се единствените одговорни за војната во Украина и за злосторствата извршени врз украинското население. Исто така, информираа дека се усвоени нови санкции за Русија.
– Денеска го усвоивме 16. пакет санкции за дополнително да го зголемиме колективниот притисок врз Русија за да ѝ стави крај на својата војна – стои во заедничкото соопштение на Кошта, Лајен и на Мецола.
На заедничка прес-конференција со Зеленски, Лајен објави нова исплата од 3,5 милијарди евра за Украина, која ќе пристигне веќе во март. Таа додаде дека ЕУ и нејзините земји членки обезбедиле 134 милијарди евра (140 милијарди долари) за поддршка на Украина од почетокот на сеопфатната војна, повеќе од која било земја. Исто така, најави итна испорака на оружје и муниција за Украина, како и помош за безбедност на енергетскиот сектор.
Вчера излегоа и податоци од Програмата за следење на поддршката на Украина при Институтот за светска економија во Киел, Германија. Според нив, Украина добила над двојно повеќе помош од ЕУ отколку од САД.
Во пресрет на тригодишнината од почетокот на војната во Украина, пред седиштата на Европската комисија и на Европскиот парламент во Брисел, покрај европските, беа истакнати и украинските знамиња, а на самитот во Киев дојдоа голем број претседатели на држави и на влади, вклучувајќи го и поранешниот британски премиер, Борис Џонсон.