Трговците со забелешки за Законот за нефер трговски практики

16

Во следниот период се очекува поинтензивна работа на Комисијата за заштита од конкуренцијата околу Законот за нефер трговски практики. Комисијата е комплетирана и за сето она што ќе биде утврдено како неправилност во однос на Законот, има пропишано законски одредби што ќе треба да се спроведат.

Министерството за економија и труд е задолжено за спроведување на законот, а според заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, овој закон не е само за заштита на производителите, добавувачите и трговците, туку и за заштита на стандардот на граѓаните.

– До Нова година не беа комплетирани членовите кои се дел од КЗК. Како Министерство за економија и труд го спроведуваме имплементирањето на Законот. Имавме состанок со КЗК така што ветија дека во наредниот период ќе има многу интензивна работа во проверувањето на договорите меѓу добавувачите и трговците. За она што ќе биде утврдено како неправилност, има предвидено одредени казнени одредби кои ќе бидат спроведени. Овој закон не е само за заштита на производителите, добавувачите и трговците, туку пред сè за заштита на стандардот на граѓаните, бидејќи сето тоа на крајот се однесува на цената на крајниот производ, изјави Ристески.

Ристески вели дека првпат се имплементира ваков закон во државата и дека праксата ќе покаже кои се слабостите.

– Ние заедно со КЗК ќе го следиме имплементирањето на Законот и во соработка со бизнис-секторот ќе видиме дали во блиска иднина ќе треба да се променат одредени членови, изјави Ристески.

Според трговците, има одредени одредби од законот за кои треба да се разговара како што се ограничувањето на профитната маржа и ограничувањето на повратот.

Во земјава за првпат се имплементира ваков Закон, којшто е изработен по примерот на словенечкиот закон, а користени се и искуства од Хрватска и Бугарија како членки на Европската Унија.

Во однос на цените на основните прехранбени производи што беа опфатени со новогодишната кошничка која заврши на 15 јануари, Ристески ги демантираше информациите дека се врши притисок врз трговците за да не ги зголемат цените.

– Тоа било на некоја друга Влада со закани. Оваа Влада не работи со закани туку во интерес на граѓаните. Ние би ги искористиле сите правни инструменти околу заштита на животниот стандард на граѓаните. Со стопанските комори, бизнис-секторот, со синдикатите и пред сè со граѓаните, имаме навистина добар однос, едно транспарентно однесување. Мерката новогодишна кошничка беше прва во историјата на Македонија со која што сакавме да го поттикнеме степенот на општествена одговорност на македонските компании, вклучувајќи ги и маркетите, рече Ристески.

 

 

ИЗДВОЕНИ