За трговците клуч на продавниците, за граѓаните задоцнети мерки. Вака најзасегнатите ги коментираат владините мерки кои треба да ги зауздаат цените на производите, кои пак и покрај серијата мерки беа неколкукратно зголемени.  Од Стопанската комора на трговци велат дека станува збор за избрзана одлука која ќе им нанесе значителна штета. Купувачите реагираат дека сè е џабе кога цените отидоа до плафон и велат дека Владата потклекнала под притисокот на трговците

За трговците клуч на продавниците, за граѓаните задоцнети мерки. Вака најзасегнатите ги коментираат владините мерки кои треба да ги зауздаат цените на производите, кои пак и покрај серијата мерки беа неколкукратно зголемени.

Владата ги ограничи маржите на 5 проценти на основните прехранбени производи, како што се млекото, лебот, брашното тип 400 и тип 500, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко. Заменик-министерот за економија Марјан Ристески објасни дека се ограничува маржата во трговијата на големо и трговијата на мало на 102 групи на производи или на над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи со што, според нивните проценки, ќе се заштити животниот стандард на населението, односно ќе се намалат трошоците за живот во потрошувачката кошница за храна и пијалаци и кај средствата за лична хигиена.

Стопанската комора: Со мерките не се штитат сиромашните туку оние со повисоки приходи

На ваквата одлука реагираат од Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун, од каде што соопштија дека станува збор за избрзана одлука што ќе им нанесе значителна штета. Оттаму истакнаа дека не станува збор за ограничување на маржата на илјади производи, туку дека во реалноста станува збор за многу поширока листа од 3 до 4 илјади продукти, вклучително и сите видови млеко со различни маслености, како и детергенти и сапуни.

Тие реагираат дека од Владата наведуваат оти основните производи се маржираат од 20 до 25 проценти, што е причината за ограничувањето на маржата на 5 отсто, но од друга страна се тврди дека нема да има значително намалување на цените.

– Доколку се намали маржата на овој начин, логично е цените да се намалат за 15-20 проценти – велат од трговците.

Според нив, овие одлуки не ги заштитуваат социјално загрозените граѓани, туку најголем ќар ќе имаат потрошувачите со повисоки приходи.

– На пример, во групата на месни производи ќе треба да се намалат цените и на луксузни производи, што значи дека не се води сметка за приоритетите на граѓаните со пониски примања – објаснуваат од комората.

Сметаат дека нивните предлози што ги доставија до Владата се ефективни и ќе ги намалат цените, но нема да го загрозат опстанокот на трговските друштва.

– Затоа предлагаме Владата посериозно да ги земе предвид нашите аргументирани предлози. Со вакви избрзани одлуки се нанесува значителна штета на голем број стопански субјекти кои имаат клучна улога во развојот на економијата. Овие компании се соочуваат со неизвесност во нивните идни инвестиции и активности, а истовремено се испраќа негативна порака до сите потенцијални инвеститори во дејноста – велат од Комората.

За Гега Лавдрим, претседател на Стопанска комора на трговци на големо и мало, владината одлука е на голема штета за трговците и нанесува ризик за нивниот опстанок.

-Поголем дел од маркети по завршувањето на мерките се принудени да затворат. Ние како трговци би биле задоволни само со 5 насто маржа на профит. Со оваа јасна слика пред народот и владата трговците не бараат многу да профитираат, а не можат ни да работат во минус – изјави Лавдрим.

Дел од трговците велат веќе некои добавувачи им најавиле нови поскапувања.

Побараа итна средба со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за да ги разгледаат последиците од овие одлуки и да ги земат предвид аргументираните предлози на компаниите од трговската дејност кои вработуваат 4.700 граѓани.

Граѓаните реагираат: Владата потклекна пред трговците

Граѓаните не се задоволни од ограничувањата и намалувањата на маржите. Сметаат дека со намалувањето на цените на одредени производи за 3, 5 или 10 денари, нема да им се олесни животниот стандард. Купувачите реагираат дека сè е џабе кога цените отидоа до плафон и велат дека Владата потклекнала под притисокот на трговците.

– Сирењето речиси двојно поскапи последнава година. Ако канче сирење од еден килограм пред една година чинеше 280 денари, сега е над 500 денари и со намалувањето од 10 проценти ќе биде 50 денари поевтино. Слично е со тоалетната хартија, а да не зборувам за месото, бут говедско месо стигна до 900 денари. Со илјада денари не можам да купам за дневните потреби, а со тоа што ќе заштедам со намалените цени, ќе можам да си купам едно чоколатце – вели една револтирана скопјанка. 

Еден мал трговец кој држи пиљара во скопската населба Ново Лисиче, стравува дека со ограничувањето на маржите на зеленчукот и овошјето, ќе му се намали дотурот на овие производи, за кои вели дека најголемиот процент се од увоз. Ова го посочува дека слично нешто се случувало при претходните владини одлуки. Тој вели дека сега добавувачите ќе имаат оправдување да не ги носат овие производи по маркетите и пиљарите, а токму од нив тие остваруваат приход.

Владата во вторникот ги ограничи маржите

Владата во вторникот донесе одлука за ограничување на бруто-профитната маржа за утврдување на највисоките цени за одделни производи во трговијата на големо и мало.

На 10 отсто е ограничена маржата на група од 55 прехранбени производи: месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини. Ограничување од 15 отсто на маржа ќе има на 39 прехранбени производи и средства за хигиена и тоа свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и слично.

Анализата на Државниот пазарен инспекторат покажала дека трговците пресметуваат маржа од 20 до 25 отсто за основните производи во трговијата на мало, а од 20 до 50 отсто во трговијата на големо. Заменик-министерот Ристески истакна дека со оваа одлука се задолжуваат сите кои се учесници во трговијата на големо и во трговијата на мало, сите овие 102 групи на производи, најмалку 70 проценти да бидат присутни на рафт.

Донесена беше и одлука за утврдување на највисоки цени на осум групи основни прехранбени производи во трговијата, при што како највисока цена се утврдени цените коишто се применувале на 1 февруари 2025 година. Одлуките ќе траат до 30 април, кога има и два големи верски празници –  Велигден и Рамазан.

Надлежните најавуваат дека пазарниот инспекторат ќе врши проверки на терен и онаму каде што ќе бидат откриени неправилности, ќе бидат ригорозно казнувани. Казните се движат и до 20.000 евра.

За СДСМ ограничувањето на маржите се половични мерки, граѓаните нема да ги почувствуваат ефектите

Економијата во земјата е во слободен пад, граѓаните имаат сè помалку пари поради енормните поскапувања и потребно е итно заедничко дејствување, истакна екс-директорката на УЈП и пратеничка, Сања Лукаревска. Наместо половични решенија, како што рече, бараат Владата и парламентарното мнозинство веднаш да ги прифатат предлозите на СДСМ за намалување на ДДВ за струја и укинување на ДДВ за храна. Според неа, последната одлука да се ограничат маржите е задоцнета, половична и со суштински недостатоци.

– Замрзнувањето со ниво на цени од 1 февруари е погрешно, затоа што податоците на заводот за статистика укажуваат дека веќе во јануари има пораст на цените. Тоа значи дека се замрзнати производи со поскапи цени. Власта требаше да се врати наназад неколку месеци и како репер да ги земе тие цени, а не овие покачени цени. Дополнително, наместо да се ограничува маржата само на 102 групи на производи, треба да се опфатат сите 238 групи на производи. Од овие причини, граѓаните нема да почувствуваат никаков ефект од овие половични и задоцнети мерки – додаде Лукаревска.

Таа потсети на законските решенија што ги понуди до пратениците СДСМ и со кои очекуваат да се стабилизираат цените и да се намалат сметките за струја.

– Намалување на ДДВ за струјата на 5% струјата ќе донесе намалување на сметките за 13% веднаш! Граѓаните ќе заштедат околу 400 денари месечно на сметка од 3.000 денари! Над 600.000 домаќинства веднаш ќе добијат намалени сметки! Со укинување на ДДВ за храна над 250 категории прехранбени производи ќе поевтинат веднаш! Ова значи директна заштеда за граѓаните од околу 2.000 денари месечно. Со севкупна примена на сетот мерки на СДСМ и Законот за нефер трговски практики ќе се дојде до намалување на цените за 30%“. Заштитата на стандардот на граѓаните е обврска број еден на сите пратеници во македонското собрание и затоа бараме сите пратеници од сите парламентарни партии да ги поддржат овие законски измени – оцени Лукаревска.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ