Иако согласно одлуката од вчера се очекуваше да поевтинат над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи, во пракса во маркетите не се гледа некое забележително намалување на цените на производите. Маркетите се обврзани соодветно да ги обележат производите за кои се намалени цените со „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ или, пак, оние кои имаат замрзнати цени со „Замрзнати цени“, но во дел од маркетите воопшто нема обележани производи. Поевтини се само производите кои се на акција и тие се различни во секој маркет. Трговците се незадоволни од владините одлуки бидејќи го загрозува нивниот опстанок. Според нив, со владините одлуки нема да бидат опфатени 1.000 производи, туку од 3.000 до 4.000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко, како и производите како што се детергентите и сапуните.
Џемаил Даути, генерален директор на „Даути комерц“, смета дека Владата треба да изнајде долгорочни механизми за да го реши проблемот и да нема потреба постојано да носи мерки.
– И покрај тоа што трговците најавија намалување на плати и отпуштања на работници, нема да има такви директни реакции. Трговците се силни и ќе го издржат и овој удар. Но, одлуката е економски неправдана. Ако Владата смета дека некој заработува поради доминантната позиција што ја има на пазарот, Комисијата за заштита на конкуренција треба да изврши контрола и да има законска можност да ја земе заработувачката и да го казни тој стопански субјект. Сè друго е економски неоправдано, бидејќи е на штета на сите. Ние имаме 8.000 малопродажни објекти во кои има и производи со повисоки, но и со пониски маржи, изјави тој за весникот ВЕЧЕР.
Според него, Владата треба да ги укине сите давачки за основните прехранбени производи за да може да има конкуренција на пазарот и нивната цена да се формира во согласност со понудата и побарувачката.
-Владата треба да ја укине царинската стапка на артиклите кои имаат преференцијална даночна стапка од 18 на 5 отсто, која е ставена за да се зачува стандардот на граѓаните. Царинските стапки и прелевмани на сите основни производи, кои изнесуваат од 5 до 65 отсто, треба да се укинат. Нелогично е од една страна да имате преференцијални даночни стапки, а од друга царински давачки со кои се кочи конкуренцијата и се зголемува цената, објаснува Даути.
Тој додава дека Владата, исто така, треба да ги укине количинските ограничувања, односно квотите за овие производи. Кога ќе се тргнат сите ограничувања на основните прехранбени производи, тогаш цената ќе се формира согласно понудата и побарувачката и нема да има потреба од ограничување на маржите.
-Оваа мерка нема да има социјален ефект, бидејќи ќе предизвика само минимално намалување на цените додека трае мерката. Нема да има ни економска оправданост, бидејќи е на штета на економските оператори, вели Даути.
Освен струјата за компаниите, тој вели дека зголемени се цените на многу берзански производи како какаото, кафето… на кои трговците не можат да влијаат.
СДСМ до Собранието поднесе и измени на Законот за ДДВ со кои предлагаат намалување на данокот за електрична енергија од 18 на 5 отсто, како и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи. Со оваа мерка, како што посочија, значително ќе се намалат сегашните високи сметки за електрична енергија, а укинувањето на ДДВ за основните прехранбени производи, ќе доведе до нивно намалување за пет проценти.
Очекувањата на Владата се дека со оваа одлука ќе има намалување на цените за околу 10 отсто.
– Нашите очекувања се дека со овие две одлуки цените на основите прехранбени производи кои се содржани во одлуката ќе се намалат во просек за околу 10 отсто, освен осумте основни прехранбени производи – млеко, леб, брашно тип 400 и 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко за кои се очекува да останат на исто ниво, односно да не се зголемуваат или да има минимално намалување, рече заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Со одлуката треба да бидат опфатени 102 групи на производи или на над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи. Трговците се задолжени на рафтовите да имаат најмалку 70 отсто од овие 102 групи на производи.
(А.С.)