Во 2023 година учеството на трансферираните средства од Буџетот на државата учествува со 32,6 отсто. – Во декември 2023 година бројот на осигурениците изнесува 573.372 лица додека бројот на пензионери изнесува 337.814 лица, односно соодносот пензионери/осигуреници изнесува 1:1,70 и бележи мало намалување во однос на 2022 година кога изнесувал 1:1,71, се нотира во ревизорскиот извештај

 

Третина од парите за пензии, исплатени во 2023 година, се донација од државната каса. Ова го покажа извештајот на државните ревизори кои чешлајќи ги финансиските книги на Фондот за ПИОМ утврдиле дека наплатените придонеси од плата во 2023 година не се доволни за покривање на дефицитот од 33 отсто за исплата на пензии.

– Приходите од наплатен придонес од плата за пензиско и инвалидско осигурување во 2023 година се зголемени за 13 отсто во однос на претходната 2022 година и изнесуваат 63.340.987.000 денари со учество од 65,74 отсто во вкупно остварените приходи. Оствареното зголемување на приходите во 2023 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така секоја година бележат раст – посочуваат од Државниот завод за ревизија.

Оттаму нагласуваат дека процентот на средствата што се одвојуваат од Буџетот на државата до 2018 година континуирано се зголемува, од 2019 година бележи тренд на намалување. Во 2023 година учеството на трансферираните средства од Буџетот на државата учествува со 32,6 отсто.

– Во декември 2023 година бројот на осигурениците изнесува 573.372 лица додека бројот на пензионери изнесува 337.814 лица, односно соодносот пензионери/осигуреници изнесува 1:1,70 и бележи мало намалување во однос на 2022 година кога изнесувал 1:1,71 – се нотира во извештајот.

Воедно е утврдено дека Фондот не располага со податоци за вкупно наплатените средства од акцизи.

– Целосноста на наплатените приходи по овој основ, на сметката за уплата и распределба на придонеси на крајот на секоја година остануваат парични средства за кои дел се неидентификувани уплати на придонес и за истите не се создадени можности да се користат за исплата на пензии – се нотира во ревизорскиот извештај.

Утврдено е дека е склучен договор за закуп на деловен простор на 20 години без спроведена соодветна постапка, како и слабости во спроведувањето на постапките и реализацијата на договорите за јавни набавки, во начинот на доделување и исполнетоста на условите за сместување во становите при домовите за живеење на корисниците на пензија со кои стопанисува Фондот и во безбедноста и сигурноста на ИТ системот.

Ревизорите утврдиле слабости и во делот на функционирањето на воспоставените внатрешни контроли во процесот на обработка на пензиските досиеја и исплата на пензиските примања, кој се одвива преку воспоставениот електронски систем што влијае на навременоста и точноста на постапката на пресметка и исплата на пензиските примања.

ИЗДВОЕНИ