Реката Треска постојано се полни со секаков отпад, најмногу со градежен шут, од селото Крушопек во Општина Сарај. Оваа река, која порано беше синоним за чиста вода и место за одмор и рекреација на скопјани, сега е „нападната“ од ѓубришта и наликува на депонија.

Жители на Ѓорче Петров велат дека ноќе се фрла ѓубре во Треска. Од Одделението за локален инспекциски надзор на Општина Сарај велат дека вршат секојдневни патроли и посочуваат дека отпадот не е само од селото Крушопек туку и од оние што градат и реновираат во Ѓорче Петров, Тафталиџе и во други населби, кои, како што велат, тајно доаѓаат навечер во селото и истовараат шут во реката. Поради тоа е тешко да се фатат на самото место. Ѓорчепетровци прашуваат зошто, во тој случај, нема дежурства или стражи за да се фатат сторителите на овој екоцид.  

Од Одделението за локален инспекциски надзор на Општина Сарај апелираат за одговорност и за почитување на правилата за фрлање отпад.

– Потсетуваме дека фрлањето отпад надвор од контејнерите и на јавни површини, како и палењето разни материјали што може да се рециклираат, претставува кршење на Законот за животна средина и на Законот за јавна чистота. Секое вакво постапување претставува можност за изрекување соодветни казнени мерки од страна на овластениот општински инспектор за заштита на животната средина. Апелираме до секој граѓанин да покаже грижа и да придонесе за одржување на животната средина чиста и безбедна – се наведува во апелот.

 

ИЗДВОЕНИ