Екипата на МЗТ Скопје доминира во мак-баскетот изминатите неколку години, ретко кој тим може да му парира, па сосема очекувано влегува како апсолутен фаворит за двојната круна. По лигашните обврски, од денеска па до недела, следуваат дуелите во Купот на Македонија „Благоја Георгиевски – Буштур“, во кои љубителите на кошарката ќе имаат можност да уживаат во неколку интересни дуели во Гевгелија, уште во четвртфиналето.

Најинтересно се очекува да биде на вечното дерби меѓу МЗТ Скопје и Работнички (20:30 часот), дуел во кој „металците“ влегуваат како апсолутен фаворит.

Сепак, тренерот на Аеродромци, Васко Атанасов, ја исклучува фаворитската улога која ја има неговиот тим и порача дека се работи за специфично натпреварување во кое секој секого може да победи.

  • Прво дерби во Купот на Македонија. Очекувам многу израмнет натпревар со Работнички. Сигурен сум дека овие натпревари се далеку од оние лигашките, каде што еден посед може да значи многу. Секако, ние одиме да го одбраниме трофејот, а прва пречка ни е тимот на Работнички, изјави Васко Атанасов, па додаде:
  • Морам да напомнам, овие натпревари се многу поразлични од оние кои ги играме во текот на сезоната, бидејќи тука ниту еден тим ја нема улогата на фаворит. Табелата во домашното првенство не е показател дека ние ја имаме таквата улога, бидејќи пристапот на сите тимови во Купот се поинакви од оние во домашното првенство. Затоа, сметам дека во наредните денови секој секого може да победи, а нашата цел е најтешка – да ја одбраниме титулата.

Од друга страна, капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски, потенцира дека мора да ја оправдаат фаворитската улога, а за таа цел ќе мора да се влоши енергија во двата правци, за секоја топка.

  • Куп како куп, специфично натпреварување, каде мора да ја оправдаме улогата на фаворит. Сè зависи од нашата пожртвуваност во одбрана и напад, каде што енергијата мора да ја покажеме на терен, да се бориме за секоја топка. Тука нема фаворити, сите имаат иста цел, ние одиме чекор по чекор, фокусирани сме само на првиот меч и дербито со Работнички, додаде Стојановски.

Од преостанатите натпревари, ТФТ влегува како фаворит во дуелот против Гостивар (13 часот), како и Пелистер против тимот на Чаир (15:30 часот), додека многу неизвесно се очекува да биде на мечот меѓу Куманово и домашниот тим Кожув (18 часот), кој пред своја публика ќе се обиде да дојде до голем триумф.

ИЗДВОЕНИ