Слободан Трендафилов, лидерот на Сојузот на синдикатите на Македонија, ги осудува политичките напади на ССМ сè со цел да се стави функционерска чизма на вратот на работниците. Како што рече, не ѝ го дозволиле тоа на претходната власт и нема да ѝ го дозволат и на оваа.
– Нападите кон ССМ и кон гранските синдикати се напади што не ѝ прилегаат на Македонија, која сака да биде дел од европското семејство. Во ниту една демократија, туку само во случаи како Белорусија, власта политички ја напаѓа синдикалната организација само затоа што побарала да се зголеми минималната плата на 500 евра – вели Трендафилов.
Во моментов, според Трендафилов, партиски потрчковци во улога на раководители вршат притисоци над вработените во министерствата, јавните претпријатија и во општините. Им се давале пристапници да се приклучат во нерелевантни паралелни синдикални организации.
– Со наредби на нивните директори, раководители и шефови полтрони, да прават упади во синдикалните организации и да го наметнат КСС (Конфедерација на слободни синдикати) наместо ССМ за да нема зголемување на минималната плата и да се прифатат 24.400 денари – рече Трендафилов.
Тој рече дека за ова ќе бидат известени Европската и Меѓународната конфедерација на синдикати и дека е донесена одлука седниците на ССМ да се одржуваат на отворено, пред Владата и работодавците.
– ССМ очекуваше Владата да има разбирање, меѓутоа тоа што го добивме се ниски напади од ВМРО-ДПМНЕ, што е недопустливо во демократско општество – додаде Трендафилов, кој рече дека власта во моментов бара синдикален партнер „по мера“ и сака да го исклучи ССМ од Економско-социјалниот совет.
Тој рече дека на 2 и 7 април и на 2 мај ќе се одржи предупредувачки протест, на кој ќе побараат зголемување на платите за 12,6 отсто нето, односно за 12,9 отсто бруто во јавниот сектор и за 6.000 денари на минималната плата.
– Јас не знаев дека сум толку јак да обединам цела опозиција да застане зад мене, а власта да се плаши и да сака да ми „ја скине главата“. Не ги избиравме, не ги плаќаме да работат спротивно на интересите на работниците – порача Трендафилов.