За една година, просечната нето-плата во Македонија пораснала за 13,7 проценти, покажаа последните податоци на Државниот завод за статистика за април. Гледано на квартално ниво, годинава во споредба со првиот квартал лани растот е 16,3 проценти.

Со ова, практично Македонија го предводи растот на платите во регионот Адрија, но и натаму просечната плата од 41.085 денари (657 евра) е најниска од сите земји.

– Иако во изминативе две-три години се направи сериозен исчекор во растот на платите, тоа не е доволно. За жал, работниците во Македонија не го чувствуваат растот на платите онака како што треба, иако платите значително пораснаа. Минималната плата сè уште е најниска во регионот, како и просечната, што е навистина премалку за овозможување достоинствен живот на работниците. Просечната плата во Македонија не може да ја стигне минималната во Хрватска итн. Гледаме дека работниците се сè посиромашни. За жал, во Македонија денес има тренд да одите на работа, да земате плата и повторно да бидете сиромашни. Тоа се должи на политиките што беа водени во изминатиов период – вели Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, за „Блумберг Адрија“.

Во Македонија е најголем растот на платите во првиот квартал од оваа во споредба со првиот квартал од 2023 година и изнесува 16,3 проценти. Потоа следува Србија со раст од 14,9 проценти, Хрватска со 14,5 %, БиХ со 9,2 % и Словенија со 4,6 %. И покрај тоа што Словенија има најнизок раст на платите, сепак, и натаму води со највисока просечна плата во регионот од 1.481 евро, Хрватска со 1.326 евра, Србија со 827 евра, БиХ со 692 евра и тука некаде е и Македонија со просечна плата во март годинава од 657,5 евра.

Според ССМ, со својата куповна моќ, работниците не го чувствуваат растот на платите. Па оттаму очекуваат тоа да биде приоритет и на новата Влада, од која бараат нов раст на минималецот.

– Сметаме дека растот на платите треба да оди со забрзано темпо и токму поради тоа побаравме уште во првите сто дена на новата Влада да се зголеми минимална плата на најмалку 450 евра, онолку колку што е приближно во земјите во регионот, за да не се доведеме во ситуација нашите квалификувани работници да заминуваат да работат таму, а ние да останеме без работна сила. И се разбира дека растот на преостанатите плати треба да го следи порастот како на минималната така и на просечната плата – вели Трендафилов.

Тој смета дека компаниите прават манипулација во јавноста кога ја посочуваат продуктивноста како пречка за раст на платите.

– Во Македонија и насекаде во Европа, особено на Балканот, вие имате само недоволно платени работници, а не и недоволно продуктивни работници, имајќи предвид дека кога ќе заминат некаде во западноевропските земји, нашите работници се многу продуктивни, меѓутоа за многу повисоки плати. За жал, ситуацијата во Македонија, за која работодавците не сакаат да разговараат, е фактот што од вкупниот капитал што го прават тие во текот на годината, само триесетина проценти одвојуваат за платите на работниците, додека седумдесетина проценти остануваат за исплата на дивиденди и други инвестиции, што е едно од најниските нивоа на соодносот на плата и на капитал на работодавците – вели претседателот на ССМ.

Тој потенцира дека ова прашање треба да ѝ биде приоритет на државата, бидејќи, во спротивно, одливот на кадар ќе продолжи со засилено темпо и не ќе може да се дополни со увоз на работници.