СДСМ имаа таргет до 2028 година, 70 отсто од децата да бидат вклучени во градинките, најави дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика во техничката Влада, Јованка Тренчевска. Таа рече дека сега опфатот на децата во градинките 48 проценти.
-Во 2017 година, кога се формира Владата предводена од СДСМ, опфатот на децата во градинките беше од 25 до 27 отсто од вкупниот број деца вклучени во градинките. Денес, тој процент е 48, дополнително ќе се зголеми со градинките што чекаат на отворање. Таргетот ни е до 2028 година, тој процент да се зголеми на 70 отсто деца опфатени во предучилишно образование и секако, тој број да се зголемува, рече Тренчевска одговарајќи на новинарско прашање на брифинг со новинари.
Во однос на листите на чекање за прием во градинка, таа кажа дека најкритично е во скопските општини.
– На територијата на целата држава од 2017 година до денес, изградени се 84 градинки со вкупен опфат на над 8 000 деца. Во декември 2023 година, Владата додели четири милиони евра за изградба на нови градинки во општините Бутел, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром и во Карпош, подвлече Тренчевска.
Од 2018 година до денес во детските јавни установи вработени биле вкупно 2 881 лице, а бројот на лиценцирани негувателки и воспитувачки во овој период, изнесувал 740 лица.