Поранешниот министер и актуелен пратеник на Татковинското движење во хрватскиот Сабор, Јосип Дабро, по само четири дена излезе од затворот во Осиек.
Дабро беше уапсен во средата по барање на државното обвинителство, откако Собранието му го одзеде имунитетот. Оттогаш тој е во истражен затвор, а денеска е пуштен на слобода. Неговото враќање во парламентот го враќа парламентарното мнозинство во владејачката коалиција составена од ХДЗ и Движењето Татковина.
Сепак, пред апсењето во средата, Дабро рече дека по неговото ослободување ќе размисли дали и во иднина ќе продолжи да го поддржува владејачкото мнозинство.
На прашањето како се чувствува откако излезе од притвор, Дабро рече: „Многу добро. Изгледам како куршум“, објави хрватскиот портал Индекс.
Дабро бил во притвор поради опасност да влијае врз сведоците кога станува збор за случајот оформен за две кривични дела – учење малолетно дете да ракува со оружје и поседување недозволено оружје.
Дабро го активира пратеничкиот мандат откако поднесе оставка од функцијата вицепремиер и министер за земјоделство, а откако во јавноста се појави видео на кое се гледа како пука со пиштол низ прозорецот на автомобил во движење.
Потоа имаше видео како Дабро пука со калашников во поле, а медиумите тврдат дека ДОРХ има и видео снимки на кои се гледа како му дава на малолетник да пука со калашников.