
Манчестер Сити ремизираше 0:0 со Манчестер Јунајтед во дербито од 31. коло во англиската Премиер лига, а по натпреварот Пеп Гвардиола прокоментира една непријатна ситуација.
Имено, во првото полувреме од дуелот на „Олд Трафорд“, неколку навивачи на Јунајтед скандираа кон Фил Фоден (24) и неговата мајка. Сосема очекувано, ѕвездата на „граѓаните“ многу се налути и очигледно беше дека е многу повреден од таквото скандирање.
За оваа случка беше прашан и Пеп Гвардиола (54), кој рече дека е згрозен од однесувањето на некои навивачи на домашната екипа.
Трофејниот шпански стручњак истакна дека навивачите на Манчестер Јунајтед кои ја пцуеја мајката на Фил Фоден покажале непочитување.
„Недостаток на класа. Но, не се работи за Јунајтед, туку за луѓето, знаете? Ние сме толку експонирани – менаџерите, сопствениците и фудбалерите особено.
Искрено не ја разбирам човечката логика која ја вклучува мајката на Фил. Тоа е недостаток на интегритет, недостаток на класа и тие треба да се засрамат“, изјави Гвардиола на крајот од натпреварот.
Приозводот од академијата на Манчестер Сити стартуваше против градскиот ривал, а во 58. минута Пеп го замени со Џереми Доку.
Фоден одигра солиден натпревар, а играчот вреден 130 милиони евра се вклопи во сивилото на неделното дерби во Манчестер, кое не понуди ниту еден гол, со само неколку шанси.
Сити одамна загуби шанса да ја одбрани титулата и со 52 бода е на петтото место кое моментално не гарантира пласман во Лигата на шампионите, додека Јунајтед остана 13-ти со 38 бодови и може да игра растоварено до крајот на сезоната.