Оваа година, на 22 септември, Градот Битола повторно ќе биде домаќин на популарната „Трчај, бе, со алпско“, која е во викендот во кој започнува престижниот Фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Градот ќе биде место на средба на ѕвездите кинематографери од светот, но и на вљубениците во трчањето, па токму од таа причина мотото на годинашното издание е „Филм ми е да трчам“.
„Трчај, бе“ овој пат ќе трча по својот заслужен црвен килим, во пет трки на 5, 10 и на 21 километар, со тоа што годинашниот полумаратон е и национално првенство, кое го организираат домаќините и Атлетската федерација на Македонија.
Оваа година, „Трчај, бе, со алпско“ привлекува учесници од над 40 земји, а голем број компании веќе неколку години ја имаат трката во своите календари, како дел од тим-билдинг активностите. Оваа трка годинава покажува дека е повеќе од настан – тоа е платформа што ги обединува спортот, културата и тимскиот дух.
– Секое издание на „Трчај, бе“ ни носи посебна енергија, но оваа година е навистина посебна. Со слоганот „Филм ми е да трчам“, ја поврзуваме трката со Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, што го прави настанот уникатен во својата форма. Не е само спортски предизвик туку и културен симбол за Градот. Возбудени сме што можеме да ги обединиме љубителите на трчањето и филмските ентузијасти на едно место и што овој настан станува дел од календарот, како настан што не се пропушта во нивните тим-билдинг активности – истакнува Никола Димитровски, иницијатор на овој настан и директор на трката.
За комплетната креативна концепција на трката е задолжена Академијата за графички дизајн „Monday Learning“. Ова е повеќегодишна соработка, која им дава шанса на студентите целосно да се вклучат во процесот на креирање на решенијата за трката. Секоја година, организаторот на изложба го претставува нивниот труд. Таму тие можат да го покажат своето креативно портфолио и да добијат вредни искуства.
– Оваа година, учесниците ќе пристигнат од над 40 земји, и тоа само покажува колку е популарен настанот. Горди сме што трката „Трчај, бе“ ја зајакнува позицијата на Битола како центар за спорт и за култура. Ги повикуваме сите што сè уште не се пријавиле да го направат тоа денес и да ни се придружат во славењето на трчањето во Битола и на она што го направиле првите кинематографери, браќата Манаки, и за нашиот град и за светот – истакнува Димитровски.