Транспортери кои возеа за поранешното „Фени“ денеска дојдоа со своите товарни возила на протест во центарот на Кавадарци. Тие побараа исплата на два милиона и сто илјади евра за извршениот превоз.

Трајче Пеовски, претседател на Здружението „Киперски транспортери“ – Кавадарци, рече дека причината за овој мирен протест е наплатата на нивните побарувања по основ на извршен превоз кон „Еуроникел индустри“ во стечај, како и директното влијание на банката во стечајната постапка.

– Ни беше ветено дека ќе се изнајде решение за решавање на нашиот проблем, но, до ден денес, нема ништо од тоа. Ова е организиран мирен протест за да го искажеме нашето незадоволство – нагласи Пеовски.

Тој подвлече дека бараат средба со надлежните во државата, за изнаоѓање решенија за решавање на нивниот проблем.

– Ние нема тука да застанеме, туку во периодот што следува ќе ги радикализираме нашите протести на повеќе локации во градот и државата, се до остварување на нашите барања – истакна Пеовски.