Трансплантација на бубрег чекаат околу 160 пациенти во државата. Во моментов, на дијализа одат 1.657 пациенти во 23 центри за дијализа, распоредени во 17 града. Најмладиот пациент на дијализа има само четири години и, за среќа, веќе му е извршена трансплантација. Најмладиот пациент што посетува центар за дијализа има 13 години.
Од Здружението на бубрежно болни „Нефрон“ бараат креирање глобална стратегија за справување со бубрежните заболувања, со акцент на превенцијата и раниот скрининг за навремено откривање на болеста.
-Потребен е систем каде што бубрежно болните лица ќе може да ги остварат своите права без да талкаат по здравствените и социјалните лавиринти, со психосоцијална поддршка за нив и за семејството, бидејќи тоа е болест што се одразува на поширокото семејство, велат од „Нефрон“.
Годинава не е направена ниедна трансплантација, поради реновирање на Одделението на Клиниката за урологија. Директорот на Универзитетската клиника за урологија во Скопје, Башким Шабани, појаснува за МИА дека во моментов имаат четири болнички соби, каде што се вршат интервенции само на итни случаи и карциноми.
Од 1977 година до денес, извршени се 596 трансплантации, од кои 512 од жив донатор и 84 кадаверични.
– Во споредба со другите балкански земји, ние сме на врвот, во подобра состојба со трансплантацијата на бубрези. Во однос на европските земји, сме многу наназад – вели Шабани.
Најмладиот пациент кому му е извршена бубрежна трансплантација е на 15-годишна возраст, а најстариот има 67 години. Според Шабани, листата на чекање за трансплантација на бубрег во нашата држава е долга.
– Околу 160 пациенти чекаат за ливинг-донатор и кадаверична трансплантација – нагласува Шабани.
Тој вели дека на Клиниката има доволно стручен кадар и дека се планира да има најмалку три екипи за трансплантација во иднина.
Кампањата за Светскиот ден на бубрегот е глобална кампања, која започна да се спроведува од 2006 година, од ISN I IFKF (интернационални федерации за бубрежни болести), а Здружението на бубрежно болни граѓани се приклучи кон таа кампања во 2007 година.