
Најубавите денови од кариерата Неимар ги помина во Барселона, со која освои речиси се што можеше, а потоа во летото 2017 година го шокираше фудбалскиот свет кога реши да замине во ПСЖ.
Парижаните не седнаа на преговарачката маса, туку решија да ја активираат откупната клаузула од нереални 222 милиони евра, што се уште е рекорден трансфер во светот на фудбалот.
Од тогаш до денес, Барселона и ПСЖ воопшто не се во добри односи, а се чини дека ова лето ситуацијата може да стане уште полоша.
„Мундо Депортиво“ објави дека во Париз сериозно размислуваат повторно да го размрдаат фудбалскиот свет бидејќи треба да донесат нова ѕвезда во своите редови откако клубот во претходните години го напуштија Лионел Меси, Неимар и Килијан Мбапе.
Челниците на ПСЖ се свесни дека им е потребна нова ѕвезда која ќе го врати овој клуб во центарот на вниманието и се чини јасно кој е нивниот прв избор на таа листа.
Токму Ламине Јамал го воодушеви фудбалскиот свет со своите настапи во дресот на Барселона, за која дебитираше на 16 години, а за само една година стана еден од главните играчи на каталонскиот клуб.
Во Барселона се зафатени со продолжувањето на договорот на Јамал, кој истекува во летото 2026 година, па Жоан Лапорта е убеден дека крилниот напаѓач ќе потпише нов повеќегодишен договор.
Сепак, дополнителен притисок создава ПСЖ, кој покажа голем интерес да го доведе Јамал веќе на лето. „Мундо Депортиво“ пишува дека парижаните веќе стапиле во контакт со Јамал и неговиот агент и му нудат нереални пари за да потпише за ПСЖ.
Сепак, во Барселона се убедени дека нема ништо од тоа и дека Јамал ќе остане во клубот, што го потврди пред неколку дена во интервју за шпанските медиуми кога изјави дека сака да го продолжи договорот.
Покрај новиот договор, најважна за Барса е откупната клаузула која сака да биде милијарда евра. На тој начин нема да се повтори случајот Неимар. Инаку, Јамал во досегашниот дел од сезоната во дресот на Барса одигра 33 натпревари, постигна 11 голови и забележа 16 асистенции.