Американскиот претставник за Украина Кит Келог изјави во понеделникот дека никој нема да му наметне мировен договор на Киев.
Високи американски претставници, вклучително и државниот секретар Марко Рубио, но не и Келог, денеска треба да се сретнат со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за да разговараат за завршување на војната во Украина и руско-американските односи.
Келог, кој рече дека ќе го посети украинскиот претседател Володимир Зеленски оваа недела, им рече на новинарите во седиштето на НАТО во Брисел дека никој нема да му наметнува договор на „избраниот лидер на суверена нација“.
Тој повтори дека разговара со европските сојузници, кои бараат да бидат вклучени во преговорите, но додаде дека според него не е изводливо сите да бидат на маса.
Вашингтон испрати прашалник до европските престолнини за тоа како тие можат да придонесат за безбедносните гаранции за Украина.
Лидерите на Франција, Велика Британија, Германија, Данска, Полска, Италија, Шпанија и Холандија, како и високи претставници на НАТО и ЕУ, во понеделникот одржаа вонреден состанок во Париз. Велика Британија, Шведска и Германија соопштија дека се отворени за испраќање мировници во Украина доколку имаат јасен и прифатлив мандат.
Многу претставници нагласија дека ќе размислат за испраќање војници во Украина само со американска безбедносна гаранција. На прашањето дали САД ќе го направат ова, Келог рече: „Јас бев со претседателот Трамп и политиката отсекогаш била: Сите опции се на маса“.
„Пред какви било разговори и финализирање на безбедносните гаранции, секако дека ќе се разговара за тоа“, рече тој. „Одговорите на овие прашања ќе бидат дадени кога ќе заврши процесот.