
Американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека најверојатно ќе го направи своето прво странско патување во Саудиска Арабија, за да склучи договор со Ријад за инвестирање повеќе од трилион долари во американската економија, вклучително и купување на воена опрема.
Говорејќи пред новинарите во Овалната соба, Трамп рече дека најверојатно ќе отпатува таму во текот на следниот месец и половина. Тој истакна дека првото патување во странство од неговиот прв мандат беше во Ријад во 2017 година за да ги објави саудиските инвестиции проценети на 350 милијарди долари во тоа време.
„Овој пат тие станаа побогати, сите ние остаревме“, рече Трамп.
Тој рече дека, според негови инструкции, Саудијците се подготвени да инвестираат трилион долари за четири години во американски компании, вклучително и купување на американска воена опрема, пренесува Бизнисинфо.
„И тие се согласија да го направат тоа, па јас ќе одам таму и имам одличен однос со нив, а тие беа многу љубезни“, рече Трамп.
Саудиска Арабија презема сè позначајна улога во американската надворешна политика. Специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, им изјави на новинарите дека Саудијците ќе бидат домаќини на американско-украинскиот состанок следната недела на кој ќе се разговара за прекин на огнот во украинската војна.