Поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претстојните претседателски избори, Доналд Трамп, вчера изјави дека не мисли дека требало да ја напушти Белата куќа по поразот на изборите во 2020 година, што не го признал.
– Ја имавме најбезбедната граница во историјата на нашата земја на денот кога заминав. Не требаше да одам… – рече меѓу другото Трамп за време на митингот во Литиц, Пенсилванија, пренесе Си-Ен-Ен.
Трамп одлучи во неделата повторно да ја посети Пенсилванија, два дена пред изборите, бидејќи таа држава е многу важна. Тешко е да се освои Белата куќа без Пенсилванија, која има најмногу електорски гласови од сите сојузни држави, потсетува Си-Ен-Ен.
Пенсилванија, со 19 електорски гласови, е една од најпосетуваните држави од претседателските кандидати. Тоа беше една од последните држави што ги објави резултатите од гласањето во 2020 година, четири дена по изборите.
Коментарите на Трамп на митингот во неделата дојдоа бидејќи тој, исто така, се чини дека ја поставува основата за да ги оспори резултатите од претседателските избори во 2024 година, враќајќи се на алатката што ја користеше во 2020 година. Тој ги повтори неоснованите тврдења за изборно мамење во неколку наврати на митингот во Пенсилванија.