Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека во следниот месец ќе воведе нови царини од 25 отсто за увоз на граѓа и производи од дрво, откако претходно изјави дека планира да воведе царини за увоз на автомобили, полупроводници и фармацевтски производи.
Тој посочи дека САД ќе генерираат значителен приход од царините, но понуди и одложување на воведувањето тарифи доколку другите земји ги намалат или укинат сопствените давачки за увоз на американски стоки.
Трамп во вторникот рече дека има намера да воведе слични тарифи за увоз на полупроводници и фармацевтски производи, кои исто така првично би биле 25 проценти или повисоки, а потоа значително ќе се зголемат во текот на годината. Американскиот претседател не кажа точно кога ќе ги воведе овие царини.
Трамп наметна дополнителни царини од 10 отсто на целиот увоз од Кина, бидејќи, како што рече, Пекинг не успеал да ја запре трговијата со фентанил.
Тој, исто така, најави, потоа одложени за еден месец, царини од 25 отсто за увоз на стоки од Мексико, како и за увоз од Канада, освен за енергетски производи.
Трамп минатата недела рече дека планира да воведе реципрочни тарифи за сите земји кои имаат царини за американски стоки или поставиле нетарифни бариери за да го ограничат американскиот пристап до нивните пазари.