Трамп во трговска војна со целата планета – од утре реципрочни царини од најмалку 10% за сите земји што извезуваат во САД -за ЕУ нови 20%, а за Кина уште 34%

348

Американскиот претседател го отфрли предлогот на ЕУ за укинување на меѓусебните царини за индустриски стоки и предложи Европа да увезува енергија од САД колку што е тековниот трговски дефицит, што изнесува 350 милијарди долари. Унијата денеска ќе се изјасни за одмаздничките мерки што би ги применувала од 15 овој месец. Кина најавува сеопшто зголемување на царините  од четврток, а додека чекаат да видат во која насока ќе одат трговските преговори, свои планови скроија и компаниите. „Епл“ најави можност за селење на производството од Кина, а некои од светските компании како „Јагуар“, „Ленд ровер“, „Ренџ ровер“, „Нинтендо“ … решија привремено да запрат со испораки на производи во САД. Милијардерите од „Волстрит“ веќе му го вртат грбот на Трамп незадоволни од неговите економски политики

 

Ако не се премисли, американскиот претседател Доналд Трамп утре ja почнува вистинската трговска војна со планетата. Откако на 12 март воведе царини од 25 проценти на увозот на алуминиум и челик од целиот свет, а од 3 април на сила се царини од 25 проценти на сите автомобили и автомобилски делови кои не се произведуваат во САД, за денеска се најавени реципрочни царини од  минимум 10 проценти за сите држави, а за околу 60 земји уште поголеми – за ЕУ 20 проценти, а за Кина 34 проценти. Трамп вчера потврди дека нема намера да се повлече од овој план. На новинарско прашање дали размислува царините да ги стави на пауза за да остави простор за преговори, тој рече дека тоа не се разгледува. Исто така, го отфрли предлогот на Европската Унија за укинување на меѓусебните царини за индустриски стоки и предложи земјите од ЕУ да увезуваат енергија од САД во вредност на тековниот трговски дефицит, кој изнесува 350 милијарди долари. Унијата се мобилизира и денеска треба конкретно да договори со какви противмерки ќе излезе. Повереникот за трговија Марош Шевчович изјави дека Европската комисија подготвила список со предлози за противмерки кои членките ќе ги гласаат утре, а би требало да почнат да се применуваат од 15 овој месец. Предлог на ЕК е одмаздничките царини да изнесуваат 25 проценти, а на списокот се дијаманти, јајца, колбаси, месо од живина…

Додека Европа се договара, Пекинг веќе го возврати ударот, зголемувајќи ги таксите на американската стока за дополнителни 34 проценти, а презема и низа други мерки, вклучувајќи забрана за извоз на ретки минерали, антимонополски истраги против подружници на американски компании и друго. Според „Скај њуз“ потенцијалниот одговор на Пекинг би можел да вклучи мерки кои навлегуваат во културата и безбедноста, како на пример забрана на американски филмови и прекинување на соработката во борбата против шверцот со фентанил. Најнова најава од Пекинг е сеопшто  зголемување на царините  од четврток, ден откако ќе стапат во сила американските мерки. Додека чекаат да видат во која насока ќе одат трговските преговори свои планови скроија и компаниите. На пример, „Епл“ најави можност за селење на производството од Кина за да ги избегне американските царини, а некои светските компании решија привремено да запрат со испораки на производи во САД. Меѓу нив се „Јагуар“, „Ленд Ровер“, „Ренџ Ровер“, „Нинтендо“, како и реномирани брендови кои во Кина произведуваат хит детски играчки.

Кина, всушност, доби најголемо царинско оптоварување од САД. Минатата недела најавени се царини од 34 отсто за кинеските производи, што заедно со важечките 20 отсто достигнуваат 54 проценти. Викендов најавено е зголемување на царините од уште 50 отсто, со што вкупното тарифно оптоварување на кинескиот увоз може да достигне неверојатни 104 проценти.

Поради ваквата трговска политика, блискиот соработник Илон Маск на суптилен, а голем број милијардери на директен начин му го вртат грбот на американскиот претседател. Новото истражување на магазинот „Форбс“ направено меѓу водечките личности од „Вол Стрит“ покажува дека многумина кои претходно ги поддржуваа економските ветувања на Трамп сега се дистанцираат од него, а големо мнозинство не ја одобрува економската политика што ја води. Од 50 анкетирани милијардери инвеститори, големи институционални менаџери на средства и најголеми советници за богатство во САД повеќе од половина ги поддржуваа економските политики на Трамп, кога тој се врати во Белата куќа во јануари годинава, а сега 72 отсто велат дека неговиот економскиот план е неефикасен, додека 66 отсто не ја поддржуваат неговата економска политика. За планот за царините на скала од 1 до 5 Трамп доби помалку од двојка, односно 1,86, а 27 испитаници дадоа најниска можна оценка. Тој лошо помина и на прашањето за берзата. Оценет е со 1,96, а 25 испитаници дадоа оценка еден.

ИЗДВОЕНИ