Доналд Трамп се враќа во Белата куќа. Реизбраниот американски претседател во саботата долета во Вашингтон за својата втора инаугурација, како 47. претседател на САД, четири години по заминувањето како политички аутсајдер.
Целото светско внимание, и на оние што го поддржуваат Трамп, но и на неговите противници, овој период, особено денеска, е свртено кон Вашингтон. Трамп ја прекина децениската традиција, според која странските шефови на држави обично не присуствуваа на заклетвата на новите американски претседатели, туку беа претставувани од амбасадорите во САД и испрати покани до светските лидери по свој вкус. Тој покажа предност за лидерите со слична идеологија, како Џорџа Мелони и Хавиер Милеј, чии политики ги нагласуваат националниот суверенитет и борбата против глобализмот. Меѓу гостите е и македонска делегација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски. На работната посета и на инаугурацијата, премиерот е придружуван од министерот за надворешни работи и надворешна трговија – Тимчо Муцунски, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање – Изет Меџити и од заменик-министерката за европски прашања – Викторија Трајков. Делегацијата ќе присуствува и на свеченоста „Гласови на слободата“, која ќе се одржи по инаугурацијата, организирана од компаниите „Трамп медија“ и „Рамбл“.
– Очекувањата се дека во текот на престојот Мицкоски ќе одржи повеќе билатерални средби, контакти и средби со повеќе луѓе од новата администрација на американскиот претседател. Исто така, Мицкоски ќе има средба и со бизнисмени со македонско потекло, со кои ќе стане збор за економската соработка и за можните домашни инвестиции – се вели во владиното соопштение.
Дел од познавачите веќе анализираа за весникот ВЕЧЕР дека присуството на Мицкоски на инаугурацијата на Трамп е значаен настан и еден убав гест во однос на Македонија и дека средбите што се најавуваат отвораат сериозни можности за земјава, иако Балканот не е во приоритетите на американските политики. Присуството во Вашингтон, секако, е добра можност за формални средби, но и за неформална дипломатија за лобирање за македонските интереси. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, рече дека нашите политичари имаат добри врски со новата американска власт и можеме да се надеваме дека ќе има и одредени поместувања во американските политики кон Македонија.
– Самото присуство на Мицкоски на еден ваков голем настан и средбите што се најавуваат отвораат сериозни можности за нашата земја. Очигледно е дека нашите политичари имаат добри врски со новата американска власт и можеме да се надеваме дека ќе има и одредени поместувања во американските политики кон Македонија. Да се надеваме дека мисијата на Мицкоски во Вашингтон ќе биде позитивна и ќе донесе поширока корист за Македонија, вклучувајќи и нови инвестиции – вели амбасадорот Никовски.
Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски, пак, смета дека американската надворешна политика е единствена и иако секоја билатерална средба е добредојдена, таа е во рамките на протоколот.
– САД се голема сила и го гледаат Балканот како целосен регион. Секоја промена на политиката визави Балканот ќе биде уносона надворешна политика од американската надворешна дипломатија. Секоја билатерална средба е добредојдена, но таа е во рамките на протоколарноста – изјави неодамна Атанасоски во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Од Македонија, на церемонијата во Вашинготн се поканети и претседателот на Собранието – Африм Гаши и министерот за здравство – Арбен Таравари, како и лидерот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, кои го потврдија своето присуство. Покана доби и претседателот на движењето БЕСА, Билал Касами.
– Соединетите Американски Држави дадоа исклучителен придонес во борбата против корупцијата и дискриминацијата, зајакнувањето на владеењето на правото, продолжувањето на надградбата на достигнувањата како член на НАТО, зајакнувањето на економијата и промовирањето на слободата на медиумите. И што е најважно, да се изградат поголеми демократски институции во целосно, инклузивно, мултиетничко општество – велат од „Вреди“ во соопштение.
Премиерот Мицкоски најави дека очекува да го привлече вниманието за САД да гледаат кон Балканот со поинаква оптика. Неодамана, тој посочи дека Вашингтон го гледа Балканот како регион, а не нас како единка и токму како регион треба прво да го привлечеме вниманието.
Првиот мандат како претседтаел на сега 78-годишниот Трамп беше од 2017 до 2021 година. Овој пат, студеното време ги смени плановите за инаугурацијата. За прв пат од 1985 година, церемонијата ќе се одржи во затворен простор, во внатрешна просторија на ротондата на Капитол, поради лошите временски услови и ниските температури. Традиционалната парада по авенијата „Пенсилванија“, која и онака секогаш била тест за безбедносните служби при инаугурацијата, исто така, ќе биде преместена во арената. Протестите и маршевите организирани од активисти за правата на жените, абортусот и расната правда привлекоа илјадници противници на Трамп, како и протестите против него во 2017 година. Полицијата и Националната гарда се мобилизирани за да спречат конфликти и потенцијални терористички закани и Доналд Трамп, која имаше „генерална проба“ во 2017 година, по втор пат да стане претседател на САД. Новоизбраниот претседател треба да положи заклетва на две Библии пред членовите на Конгресот и на Врховниот суд на скалите на Капитол, без да згреши ниту еден збор за да не се доведе во ситуација како поранешниот американски претседтаел Барак Обама, кој при вториот мандат мораше да ја повтори заклетвата поради еден згрешен збор. Со заклетвата, Трамп ќе го означи почетокот на својот втор мандат како претседател. (В.С.Н.)
Мицкоски во Вашингтон се сретна со Крис Павловски
Веднаш по пристигањето во Вашингтон, вчера премиерот Христијан Мицкоски оствари средба со сопственикот на „Рамбл“, Крис Павловски, кој има македонско потекло. Премиерот објави на социјалните мрежи дека на средбата се раговарало за инвестиции на „Рамбл“ во Македонија, во делот на дигитализацијата, како и за предизвиците што се дел од сегашноста, но и од иднината.
– Директно од аеродром на состанок. Во Вашингтон имав исклучително продуктивен долг состанок со мојот пријател Крис Павловски, сопственик на компанијата „Рамбл“, каде што дел од акционерската структура се и Хауард Лутник, новиот министер за економија на САД, и ЏД Венс, потпретседател на САД, како дел од новата администрација на претседателот Трамп. Капиталот на Павловски е проценет од „Форбс“ на 1,2 милијарди долари. Разговаравме за инвестиции на „Рамбл“ во Македонија, во делот на дигитализацијата. Имајќи предвид дека Крис има македонско потекло, Македонија е тема што е секогаш дел од нашите разговори. Зборувавме за предизвиците што се дел од сегашноста, но и од иднината. Се бориме за напредок и за иднина на нашите граѓани и на татковината – објави премиерот Христијан Мицкоски на ФБ.